Прескокни кон главната содржина

2 Мојсеева — Излез

Глава 3

  1. 1

    Мојсеј го пасеше стадото на својот тест Јотор, мадијамскиот свештеник. Го одведе стадото на другата страна од пустината и дојде до Божјата планина Хорив.

  2. 2

    Таму му се јави Господов ангел во огнен пламен среде една грмушка. Мојсеј погледна, и ете, грмушката гореше во оган, но не изгоруваше.

  3. 3

    Тогаш Мојсеј си рече: „Ќе се свртам и ќе ја видам оваа необична појава - зошто грмушката не изгорува.“

  4. 4

    Кога Господ виде дека се сврте да погледне, Бог го повика од средината на грмушката: „Мојсее, Мојсее!“ А тој одговори: „Еве ме.“

  5. 5

    Бог рече: „Не се приближувај! Соблечи ги обувките од своите нозе, зашто местото на кое стоиш е света земја.“

  6. 6

    Потоа рече: „Јас сум Бог на твојот татко, Бог на Авраам, Бог на Исак и Бог на Јаков.“ Тогаш Мојсеј го покри своето лице, зашто се плашеше да погледне кон Бог.

  7. 7

    Господ рече: „Навистина го видов страдањето на Мојот народ во Египет и го слушнав нивниот повик поради нивните надзорници. Ги знам нивните маки.

  8. 8

    Затоа слегов да ги избавам од рацете на Египќаните и да ги изведам од таа земја во добра и пространа земја, во земја во која течат млеко и мед, во земјата на Хананците, Хетејците, Аморејците, Ферезејците, Евејците и Јевусејците.

  9. 9

    И сега, ете, повикот на Израелевите синови стигна до Мене, а го видов и угнетувањето со кое Египќаните ги угнетуваат.

  10. 10

    Затоа, дојди! Ќе те испратам кај фараонот, за да го изведеш Мојот народ, Израелевите синови, од Египет.“

  11. 11

    Но Мојсеј Му рече на Бог: „Кој сум јас да одам кај фараонот и да ги изведам Израелевите синови од Египет?“

  12. 12

    Бог рече: „Јас сигурно ќе бидам со тебе. Ова ќе ти биде знак дека Јас те испратив: кога ќе го изведеш народот од Египет, ќе Му служите на Бог на оваа планина.“

  13. 13

    Мојсеј Му рече на Бог: „Ете, кога ќе дојдам кај Израелевите синови и ќе им речам: ‚Бог на вашите татковци ме испрати кај вас‘, а тие ме прашаат: ‚Како Му е името?‘ - што да им кажам?“

  14. 14

    Бог му рече на Мојсеј: „ЈАС СУМ ОНОЈ КОЈ СУМ.“ И додаде: „Вака ќе им кажеш на Израелевите синови: ‚ОНОЈ КОЈ СУМ ме испрати кај вас.‘“

  15. 15

    Бог уште му рече на Мојсеј: „Вака ќе им кажеш на Израелевите синови: ‚Господ, Бог на вашите татковци, Бог на Авраам, Бог на Исак и Бог на Јаков, ме испрати кај вас.‘ Тоа е Моето име довека и така ќе Ме паметат од поколение во поколение.

  16. 16

    Оди, собери ги Израелевите старешини и кажи им: ‚Господ, Бог на вашите татковци, Бог на Авраам, Исак и Јаков, ми се јави и рече: Навистина ве посетив и видов што ви прават во Египет.

  17. 17

    И реков: Ќе ве изведам од страдањето во Египет и ќе ве одведам во земјата на Хананците, Хетејците, Аморејците, Ферезејците, Евејците и Јевусејците - во земја во која течат млеко и мед.‘

  18. 18

    Тие ќе го послушаат твојот глас. Потоа ти и Израелевите старешини ќе отидете кај египетскиот цар и ќе му речете: ‚Господ, Бог на Евреите, ни се јави. Затоа, те молиме, дозволи ни да одиме три дена пат во пустината, за да Му принесеме жртва на Господ, нашиот Бог.‘

  19. 19

    Но Јас знам дека египетскиот цар нема да ви дозволи да одите, освен ако не биде принуден со силна рака.

  20. 20

    Затоа ќе ја испружам Својата рака и ќе го удрам Египет со сите Свои чуда што ќе ги направам среде него; а потоа тој ќе ве пушти.

  21. 21

    Ќе му дадам на овој народ благонаклоност пред Египќаните, па кога ќе тргнете, нема да заминете со празни раце.

  22. 22

    Секоја жена нека побара од својата сосетка и од жената што живее во нејзиниот дом сребрени предмети, златни предмети и облека. Ставете ги врз своите синови и ќерки; така ќе го земете богатството на Египќаните.“