Прескокни кон главната содржина

2 Мојсеева — Излез

Глава 4

  1. 1

    Мојсеј одговори: „Но тие нема да ми поверуваат ниту ќе го послушаат мојот глас, зашто ќе речат: ‚Господ не ти се јавил.‘“

  2. 2

    Тогаш Господ го праша: „Што е тоа во твојата рака?“ Тој одговори: „Стап.“

  3. 3

    Бог рече: „Фрли го на земјата.“ Мојсеј го фрли на земјата, а тој се претвори во змија, па Мојсеј побегна од неа.

  4. 4

    Но Господ му рече на Мојсеј: „Испружи ја својата рака и фати ја за опашката.“ Тој ја испружи раката и ја фати, а таа повторно стана стап во неговата рака.

  5. 5

    „Направи го тоа за да поверуваат дека ти се јавил Господ, Бог на нивните татковци, Бог на Авраам, Бог на Исак и Бог на Јаков.“

  6. 6

    Потоа Господ му рече: „Стави ја својата рака во пазувата.“ Тој ја стави раката во пазувата, а кога ја извади, ете, раката му беше лепрозна, бела како снег.

  7. 7

    Тогаш Бог рече: „Стави ја повторно раката во пазувата.“ Тој повторно ја стави раката во пазувата, а кога ја извади, ете, повторно беше здрава како и останатиот дел од телото.

  8. 8

    „Ако не ти поверуваат и не го прифатат првиот знак, ќе поверуваат поради вториот знак.

  9. 9

    Но ако не им поверуваат ни на овие два знака и не го послушаат твојот глас, земи вода од Нил и истури ја на сувата земја. Водата што ќе ја земеш од Нил ќе се претвори во крв на сувата земја.“

  10. 10

    Тогаш Мојсеј Му рече на Господ: „Те молам, Господи, јас никогаш не сум бил речит, ниту порано ниту откако почна да му зборуваш на Твојот слуга. Јас зборувам бавно и тешко.“

  11. 11

    Господ му рече: „Кој му ја создаде устата на човекот? Кој го прави човекот нем или глув? Кој му дава вид или го прави слеп? Зар не сум Јас, Господ?

  12. 12

    Затоа оди! Јас ќе бидам со твојата уста и ќе те научам што да зборуваш.“

  13. 13

    Но Мојсеј рече: „Те молам, Господи, испрати некој друг.“

  14. 14

    Тогаш Господовиот гнев се разгоре против Мојсеј и Тој рече: „Зар не е таму твојот брат Арон, Левитот? Знам дека тој добро зборува. Ете, тој веќе доаѓа да те пресретне; кога ќе те види, ќе се зарадува во своето срце.

  15. 15

    Зборувај му и стави ги зборовите во неговата уста. Јас ќе бидам со твојата уста и со неговата уста и ќе ве научам што треба да правите.

  16. 16

    Тој ќе му зборува на народот наместо тебе. Тој ќе ти биде уста, а ти ќе му бидеш како Бог.

  17. 17

    Земи го во својата рака и овој стап, со кој ќе ги правиш знаците.“

  18. 18

    Потоа Мојсеј се врати кај својот тест Јотор и му рече: „Те молам, дозволи ми да се вратам кај своите браќа во Египет, за да видам дали сѐ уште се живи.“ Јотор му рече на Мојсеј: „Оди во мир.“

  19. 19

    Додека Мојсеј беше во Мадијам, Господ му рече: „Оди, врати се во Египет, зашто умреа сите што сакаа да те убијат.“

  20. 20

    Така Мојсеј ги зеде својата жена и своите синови, ги качи на магаре и тргна назад кон Египетската земја. Мојсеј го зеде и Божјиот стап во својата рака.

  21. 21

    Господ му рече на Мојсеј: „Кога ќе се вратиш во Египет, внимавај да ги направиш пред фараонот сите чуда за кои ти дадов сила. Но Јас ќе го закоравам неговото срце и тој нема да го пушти народот.

  22. 22

    Тогаш кажи му на фараонот: ‚Вака вели Господ: Израел е Мојот син, Мојот првенец.

  23. 23

    Ти велам: пушти го Мојот син да Ми служи. Ако одбиеш да го пуштиш, ете, Јас ќе го убијам твојот син, твојот првенец.‘“

  24. 24

    На патот, на местото каде што преноќуваа, Господ го пресретна Мојсеј и сакаше да го убие.

  25. 25

    Тогаш Сепфора зеде остар камен, ја обрежа кожичката на својот син и ја допре до нозете на Мојсеј, велејќи: „Навистина ти си ми младоженец на крвта.“

  26. 26

    Тогаш Господ го остави. Таа рече: „Младоженец на крвта“ поради обрежувањето.

  27. 27

    Господ му рече на Арон: „Оди во пустината да го пресретнеш Мојсеј.“ Тој отиде, го сретна кај Божјата планина и го бакна.

  28. 28

    Мојсеј му ги кажа на Арон сите Господови зборови со кои го испрати и сите знаци што му заповеда да ги направи.

  29. 29

    Потоа Мојсеј и Арон отидоа и ги собраа сите старешини на Израелевите синови.

  30. 30

    Арон им ги кажа сите зборови што Господ му ги кажа на Мојсеј и ги направи знаците пред очите на народот.

  31. 31

    Народот поверува. Кога слушнаа дека Господ ги посетил Израелевите синови и дека го видел нивното страдање, се наведнаа и Му се поклонија.