Прескокни кон главната содржина

2 Мојсеева — Излез

Глава 5

  1. 1

    Потоа Мојсеј и Арон дојдоа кај фараонот и му рекоа: „Вака вели Господ, Бог на Израел: ‚Пушти го Мојот народ, за да Ми празнува во пустината.‘“

  2. 2

    Но фараонот одговори: „Кој е Господ, па да го послушам Неговиот глас и да го пуштам Израел? Не Го познавам Господ и нема да го пуштам Израел.“

  3. 3

    Тие рекоа: „Бог на Евреите ни се јави. Те молиме, дозволи ни да одиме на тридневен пат во пустината и да Му принесеме жртва на Господ, нашиот Бог, за да не нѐ удри со помор или со меч.“

  4. 4

    Но египетскиот цар им рече: „Мојсее и Ароне, зошто го одвраќате народот од неговата работа? Вратете се на своите товари!“

  5. 5

    Фараонот уште рече: „Ете, народот во земјата е многуброен, а вие сакате да го одвратите од неговата работа!“

  6. 6

    Истиот ден фараонот им заповеда на надзорниците над народот и на нивните управители:

  7. 7

    „Отсега не му давајте повеќе слама на народот за правење тули, како досега. Нека одат сами и нека си собираат слама.

  8. 8

    Но барајте го од нив истиот број тули што го правеа досега; не намалувајте ништо, зашто се мрзливи. Затоа викаат: ‚Да одиме да Му принесеме жртва на својот Бог.‘

  9. 9

    Нека им се отежне работата, за да бидат зафатени со неа и да не обрнуваат внимание на лажни зборови.“

  10. 10

    Тогаш надзорниците и управителите на народот излегоа и му рекоа на народот: „Вака вели фараонот: ‚Повеќе нема да ви давам слама.

  11. 11

    Одете и сами најдете си слама каде што можете, но ништо нема да се намали од вашата работа.‘“

  12. 12

    Така народот се распрсна по целата Египетска земја, за да собира стрниште наместо слама.

  13. 13

    Надзорниците ги притискаа и велеа: „Завршувајте ја својата дневна работа како и порано, кога имавте слама!“

  14. 14

    А Израелевите управители, кои фараоновите надзорници ги поставија над нив, беа тепани и прашувани: „Зошто ни вчера ни денес не го направивте својот определен број тули како порано?“

  15. 15

    Тогаш Израелевите управители дојдоа кај фараонот и повикаа: „Зошто постапуваш вака со своите слуги?

  16. 16

    На твоите слуги не им даваат слама, а сепак ни велат: ‚Правете тули!‘ Ете, твоите слуги ги тепаат, а виновен е твојот народ.“

  17. 17

    Но тој рече: „Мрзливи сте, мрзливи! Затоа велите: ‚Да одиме да Му принесеме жртва на Господ.‘

  18. 18

    Сега одете и работете! Нема да ви се дава слама, а мора да го предадете определениот број тули.“

  19. 19

    Тогаш Израелевите управители видоа дека се во голема неволја, бидејќи им беше речено: „Не намалувајте ништо од дневниот број тули.“

  20. 20

    Кога излегоа од кај фараонот, ги сретнаа Мојсеј и Арон, кои стоеја и ги чекаа.

  21. 21

    Им рекоа: „Господ нека погледне на вас и нека ви суди, зашто поради вас станавме омразени пред фараонот и пред неговите слуги и им дадовте меч во рацете за да нѐ убијат.“

  22. 22

    Тогаш Мојсеј се врати кај Господ и рече: „Господи, зошто му направи зло на овој народ? Зошто ме испрати?

  23. 23

    Откако дојдов кај фараонот да зборувам во Твое име, тој постапува уште полошо со овој народ, а Ти воопшто не го избави Својот народ.“