2 Мојсеева — Излез
Глава 6
- 1
Тогаш Господ му рече на Мојсеј: „Сега ќе видиш што ќе му направам на фараонот. Принуден од силна рака, тој ќе ги пушти; да, принуден од силна рака, ќе ги истера од својата земја.“
- 2
Бог уште му рече на Мојсеј: „Јас сум Господ.
- 3
Му се јавив на Авраам, Исак и Јаков како Семоќниот Бог, но со Моето име Господ не им бев познат.
- 4
И го склучив Својот завет со нив дека ќе им ја дадам Хананската земја, земјата во која живееја како туѓинци.
- 5
Го слушнав и стенкањето на Израелевите синови, кои Египќаните ги држат во ропство, и се сетив на Својот завет.
- 6
Затоа кажи им на Израелевите синови: ‚Јас сум Господ. Ќе ве изведам од тешката работа што ви ја наметнаа Египќаните, ќе ве избавам од нивното ропство и ќе ве откупам со испружена рака и со големи судови.
- 7
Ќе ве земам за Свој народ и ќе ви бидам Бог. Тогаш ќе знаете дека Јас сум Господ, вашиот Бог, Кој ве изведува од тешката работа наметната од Египќаните.
- 8
Ќе ве воведам во земјата за која се заколнав дека ќе им ја дадам на Авраам, Исак и Јаков, и ќе ви ја дадам како наследство. Јас сум Господ.‘“
- 9
Мојсеј им го кажа тоа на Израелевите синови, но тие не го послушаа поради својата обесхрабреност и тешкото ропство.
- 10
Тогаш Господ му рече на Мојсеј:
- 11
„Оди кај египетскиот цар, фараонот, и кажи му да ги пушти Израелевите синови од својата земја.“
- 12
Но Мојсеј рече пред Господ: „Ете, Израелевите синови не ме послушаа; како тогаш ќе ме послуша фараонот, кога толку тешко се изразувам?“
- 13
Господ им зборуваше на Мојсеј и Арон и им даде заповед за Израелевите синови и за египетскиот цар, фараонот, за да ги изведат Израелевите синови од Египетската земја.
- 14
Ова се поглаварите на нивните татковски домови: синовите на Рувим, Израелевиот првенец, беа Енох, Палу, Есрон и Карми. Тоа се Рувимовите семејства.
- 15
Синовите на Симеон беа: Јемуел, Јамин, Охад, Јахин, Цохар и Саул, син на една Хананка. Тоа се Симеоновите семејства.
- 16
Ова се имињата на Левиевите синови според нивните поколенија: Гершон, Кехат и Мерари. Леви живееше сто триесет и седум години.
- 17
Синовите на Гершон беа Ливни и Шими, според нивните семејства.
- 18
Синовите на Кехат беа Амрам, Јицхар, Хеврон и Узиел. Кехат живееше сто триесет и три години..
- 19
Синовите на Мерари беа Махли и Муши. Тоа се Левиевите семејства според нивните поколенија.
- 20
Амрам ја зеде за жена својата тетка Јохевед, а таа му ги роди Арон и Мојсеј. Амрам живееше сто триесет и седум години.
- 21
Синовите на Исар беа Корах, Нефег и Зихри.
- 22
Синовите на Узиел беа Мишаел, Елцафан и Ситри.
- 23
Арон ја зеде за жена Елишева, ќерката на Аминадав и сестрата на Нахшон. Таа му ги роди Надав, Авиху, Елеазар и Итамар.
- 24
Синовите на Кореј беа Асир, Елкана и Авиасаф. Тоа се Кореевите семејства.
- 25
Елеазар, синот на Арон, зеде за жена една од ќерките на Путиел, а таа му го роди Пинхас. Тоа се поглаварите на татковските домови на Левитите според нивните семејства.
- 26
Тоа се Арон и Мојсеј, на кои Господ им рече: „Изведете ги Израелевите синови од Египетската земја според нивните чети.“
- 27
Тие му зборуваа на египетскиот цар, фараонот, за да ги изведат Израелевите синови од Египет. Тоа се токму Мојсеј и Арон.
- 28
Во денот кога Господ му зборуваше на Мојсеј во Египетската земја,
- 29
Господ му рече на Мојсеј: „Јас сум Господ. Кажи му на египетскиот цар, фараонот сѐ што ти зборувам.“
- 30
Но Мојсеј рече пред Господ: „Ете, тешко се изразувам. Како ќе ме послуша фараонот?“