Прескокни кон главната содржина

2 Мојсеева — Излез

Глава 7

  1. 1

    Тогаш Господ му рече на Мојсеј: „Ете, те поставив како бог пред фараонот, а твојот брат Арон ќе биде твој пророк.

  2. 2

    Ти ќе му кажуваш сѐ што ти заповедам, а твојот брат Арон ќе му зборува на фараонот да ги пушти Израелевите синови од својата земја.

  3. 3

    Но Јас ќе го закоравам срцето на фараонот и ќе ги умножам Своите знаци и чуда во Египетската земја.

  4. 4

    Фараонот нема да ве послуша, па Јас ќе ја положам Својата рака врз Египет и со големи судови ќе ги изведам од Египетската земја Своите чети, Својот народ, Израелевите синови.

  5. 5

    Египќаните ќе знаат дека Јас сум Господ, кога ќе ја испружам Својата рака против Египет и ќе ги изведам Израелевите синови од нивната средина.“

  6. 6

    Мојсеј и Арон направија сѐ како што им заповеда Господ.

  7. 7

    Мојсеј имаше осумдесет години, а Арон осумдесет и три години, кога му зборуваа на фараонот.

  8. 8

    Господ им рече на Мојсеј и Арон:

  9. 9

    „Кога фараонот ќе ви рече: ‚Покажете некое чудо‘, тогаш кажи му на Арон: ‚Земи го својот стап и фрли го пред фараонот, за да се претвори во змија.‘“

  10. 10

    Мојсеј и Арон влегоа кај фараонот и направија како што заповеда Господ. Арон го фрли својот стап пред фараонот и пред неговите слуги, и тој се претвори во змија.

  11. 11

    Но фараонот ги повика мудреците и волшебниците, па и египетските маѓосници го направија истото со своите тајни вештини.

  12. 12

    Секој го фрли својот стап, а стаповите се претворија во змии, но стапот на Арон ги проголта нивните стапови.

  13. 13

    Сепак, срцето на фараонот се закорави и тој не ги послуша, како што рече Господ.

  14. 14

    Тогаш Господ му рече на Мојсеј: „Срцето на фараонот е тврдоглаво; тој одбива да го пушти народот.

  15. 15

    Оди кај фараонот утре наутро. Ете, тој ќе излезе кон водата. Застани на речниот брег за да го пресретнеш и земи го во раката стапот што се претвори во змија.

  16. 16

    Кажи му: ‚Господ, Бог на Евреите, ме испрати кај тебе и рече: Пушти го Мојот народ, за да Ми служи во пустината. Но ете, досега не послуша.

  17. 17

    Вака вели Господ: По ова ќе знаеш дека Јас сум Господ: ете, со стапот што е во мојата рака ќе ја удрам водата во Нил и таа ќе се претвори во крв.

  18. 18

    Рибите во Нил ќе изумрат, реката ќе се усмрди и Египќаните нема да можат да ја пијат водата од Нил.‘“

  19. 19

    Потоа Господ му рече на Мојсеј: „Кажи му на Арон: ‚Земи го својот стап и испружи ја својата рака над египетските води, над нивните реки, канали, езера и сите нивни водни собиралишта, за да станат крв.‘ Ќе има крв по целата Египетска земја, дури и во дрвените и камените садови.“

  20. 20

    Мојсеј и Арон направија како што заповеда Господ. Арон го крена стапот и ја удри водата во Нил пред очите на фараонот и неговите слуги, и сета вода во Нил се претвори во крв.

  21. 21

    Рибите во Нил изумреа, реката се усмрди и Египќаните не можеа да пијат вода од Нил. Крв имаше по целата Египетска земја.

  22. 22

    Но египетските маѓосници го направија истото со своите тајни вештини. Затоа срцето на фараонот се закорави и тој не ги послуша, како што рече Господ.

  23. 23

    Фараонот се сврте и отиде во својот дом, без да го земе при срце ни ова.

  24. 24

    Сите Египќани копаа околу Нил, за да најдат вода за пиење, зашто не можеа да ја пијат водата од реката.

  25. 25

    Поминаа полни седум дена откако Господ го удри Нил.