Прескокни кон главната содржина

Езекиел

Глава 2

  1. 1

    Тој ми рече: „Сине човечки, застани на своите нозе и ќе зборувам со тебе.“

  2. 2

    Додека ми зборуваше, Духот влезе во мене и ме постави на нозе. Тогаш Го слушнав Оној што ми зборуваше.

  3. 3

    Ми рече: „Сине човечки, те испраќам кај синовите Израелеви, кај бунтовен народ што се побуни против Мене. И тие и нивните татковци Ми грешеа сѐ до денес.

  4. 4

    Луѓето кај кои те испраќам се дрски и тврдоглави. Кажи им: ‚Вака вели Господ Бог.‘

  5. 5

    Без разлика дали ќе послушаат или ќе одбијат — зашто тие се бунтовен дом — ќе знаат дека меѓу нив имало пророк.

  6. 6

    А ти, сине човечки, не плаши се од нив и не плаши се од нивните зборови, иако околу тебе има трње и боцки и живееш меѓу скорпии. Не плаши се од нивните зборови и не ужаснувај се од нивните лица, зашто тие се бунтовен дом.

  7. 7

    Кажувај им ги Моите зборови, без разлика дали ќе слушаат или ќе одбијат, зашто тие се бунтовни.

  8. 8

    Но ти, сине човечки, слушај што ти зборувам. Не биди бунтовен како овој бунтовен дом. Отвори ја устата и изеди го она што ти го давам.“

  9. 9

    Погледнав и ете, кон мене беше испружена рака, а во неа имаше свиток.

  10. 10

    Го рашири пред мене. Беше испишан и од предната и од задната страна, а на него беа напишани тажачки песни, лелекања и несреќи.