Прескокни кон главната содржина

Езекиел

Глава 23

  1. 1

    Господовиот збор дојде до мене:

  2. 2

    „Сине човечки, имаше две жени, ќерки на една мајка.

  3. 3

    Тие се оддаваа на блудство во Египет; блудствуваа уште во својата младост. Таму им ги допираа градите и ги милуваа нивните девствени гради.

  4. 4

    Постарата се викаше Охола, а нејзината сестра Охолива. Тие станаа Мои и родија синови и ќерки. Охола е Самарија, а Охолива е Ерусалим.

  5. 5

    Но Охола Ми беше неверна и се разгоре по своите љубовници — Асирците, своите соседи,

  6. 6

    облечени во сино, управители и високопоставени службеници, сите привлечни младичи и коњаници што јаваа на коњи.

  7. 7

    Таа им се предаде во своето блудство на најдобрите меѓу Асирците и се оскверни со сите идоли на оние по кои копнееше.

  8. 8

    Не го остави ни блудството што го започна во Египет, зашто таму уште во младоста лежеле со неа, ги допирале нејзините девствени гради и ја излевале својата похот врз неа.

  9. 9

    Затоа ја предадов во рацете на нејзините љубовници, во рацете на Асирците по кои копнееше.

  10. 10

    Тие ја разоткрија нејзината голотија, ѝ ги зедоа синовите и ќерките, а неа ја убија со меч. Така стана позната меѓу жените како пример на казна.

  11. 11

    Нејзината сестра Охолива го виде тоа, но стана уште порасипана во својата страст и во своето блудство од својата сестра.

  12. 12

    Се разгоре по Асирците — управители и водачи, прекрасно облечени, коњаници што јаваа на коњи, сите привлечни младичи.

  13. 13

    Видов дека и таа се оскверни; и двете одеа по ист пат.

  14. 14

    Но таа го умножи своето блудство. Виде на ѕидот насликани мажи, ликови на Халдејци обоени со црвена боја,

  15. 15

    со појаси околу половината и раскошни покривала на главите, сите со изглед на воени заповедници — слични на Вавилонците од Халдеја, земјата на нивното потекло.

  16. 16

    Штом ги виде, се разгоре по нив и испрати гласници кај нив во Халдеја.

  17. 17

    Вавилонците дојдоа кај неа во љубовната постела и ја осквернија со своето блудство. Откако се оскверни со нив, ѝ се згадија.

  18. 18

    Бидејќи отворено го покажуваше своето блудство и ја разголуваше својата голотија, и Мене Ми се згади од неа, како што Ми се згади и од нејзината сестра.

  19. 19

    Но таа уште повеќе го умножуваше своето блудство, сеќавајќи се на деновите на својата младост кога блудствуваше во египетската земја.

  20. 20

    Се разгоре по своите љубовници, чија телесна сила беше како кај магариња, а нивниот излив како кај пастуви.

  21. 21

    Така повторно копнееше по развратот од својата младост, кога Египќаните ги допираа твоите гради, градите на твојата младост.

  22. 22

    Затоа, Охолива, вака вели Господ Бог: ‚Ете, ќе ги кренам против тебе твоите љубовници од кои ти се згади и ќе ги доведам против тебе од сите страни:

  23. 23

    Вавилонците и сите Халдејци, Пекод, Шоа и Коа, и со нив сите Асирци — привлечни младичи, управители и водачи, воени заповедници и угледни луѓе, сите јавачи на коњи.

  24. 24

    Ќе дојдат против тебе со воени сили, бојни коли и тркала и со мноштво народ. Ќе те опколат со големи и мали штитови и со шлемови. Ќе им го предадам судот над тебе и тие ќе ти судат според своите закони.

  25. 25

    Ќе ја насочам Својата ревност против тебе и тие жестоко ќе постапат со тебе. Ќе ти ги отсечат носот и ушите, а остатокот од тебе ќе падне од меч. Ќе ти ги земат синовите и ќерките, а она што ќе остане од тебе ќе биде проголтано од оган.

  26. 26

    Ќе ти ја соблечат облеката и ќе ти го земат прекрасниот накит.

  27. 27

    Така ќе му ставам крај на твојот разврат и на блудството што го донесе од Египет. Повеќе нема да ги креваш очите кон нив ниту ќе се сеќаваш на Египет.

  28. 28

    Зашто вака вели Господ Бог: Ете, ќе те предадам во рацете на оние што ги мразиш, во рацете на оние од кои ти се згади.

  29. 29

    Ќе постапат со тебе во омраза, ќе ти го земат сето она за кое си се трудела и ќе те остават сосема гола. Ќе биде разоткриен срамот на твоето блудство, твојот разврат и твојата неверност.

  30. 30

    Сето ова ќе ти се случи затоа што блудствуваше по народите и се осквернуваше со нивните идоли.

  31. 31

    Одеше по патот на својата сестра, затоа ќе ја ставам нејзината чаша во твојата рака.

  32. 32

    Вака вели Господ Бог: Ќе ја испиеш чашата на својата сестра, длабока и широка. Ќе станеш предмет на потсмев и подбивање, зашто чашата собира многу.

  33. 33

    Ќе се исполниш со пијанство и жалост — чашата на ужасот и пустошењето, чашата на твојата сестра Самарија.

  34. 34

    Ќе ја испиеш и ќе ја исцедиш до дното; ќе ги глодаш нејзините скршени парчиња и ќе ги раскинуваш своите гради, зашто Јас зборував‘“, вели Господ Бог.

  35. 35

    Затоа вака вели Господ Бог: „Бидејќи Ме заборави и Ме фрли зад својот грб, сега носи ги последиците од својот разврат и своето блудство.“

  36. 36

    Господ ми рече: „Сине човечки, ќе им судиш ли на Охола и Охолива? Тогаш покажи им ги нивните одвратности.

  37. 37

    Тие извршија прељуба и на нивните раце има крв. Правеа прељуба со своите идоли, а и синовите што Ми ги родија им ги принесуваа за да бидат проголтани.

  38. 38

    Освен тоа, Ми го направија и ова: во истиот ден го осквернуваа Моето светилиште и ги осквернуваа Моите саботи.

  39. 39

    Откако ги колеа своите деца за своите идоли, истиот ден влегуваа во Моето светилиште за да го осквернат. Ете, тоа го правеа среде Мојот дом.

  40. 40

    Испраќавте гласници и по мажи оддалеку. Кога тие доаѓаа, се миеше, ги боеше очите и се украсуваше со накит.

  41. 41

    Седеше на раскошна постела, а пред тебе имаше подготвена трпеза на која ги ставаше Мојот темјан и Моето масло.

  42. 42

    Околу неа се слушаше глас на безгрижно мноштво. Заедно со многуте луѓе беа доведени и пијаници од пустината; тие им ставаа белегзии на рацете и прекрасни круни на главите.

  43. 43

    Тогаш реков за онаа истрошена од прељуби: ‚Зар и сега ќе продолжуваат да блудствуваат со неа?‘

  44. 44

    Но тие влегуваа кај неа како што се оди кај блудница. Така одеа кај Охола и Охолива, жените на развратот.

  45. 45

    Но праведни луѓе ќе им судат како што им се суди на прељубници и на жени што пролеваат крв, зашто тие се прељубници и на нивните раце има крв.

  46. 46

    Зашто вака вели Господ Бог: „Доведете собрание против нив и предајте ги на ужас и грабеж.

  47. 47

    Собранието ќе ги каменува и ќе ги исече со мечеви. Ќе им ги убијат синовите и ќерките, а нивните куќи ќе ги изгорат со оган.

  48. 48

    Така ќе му ставам крај на развратот во земјата, за сите жени да бидат предупредени и да не постапуваат како нив.

  49. 49

    Вашиот разврат ќе се врати врз вас и ќе ги носите гревовите на своето идолопоклонство. Тогаш ќе знаете дека Јас сум Господ Бог.“