Езекиел
Глава 30
- 1
Господовиот збор дојде до мене:
- 2
„Сине човечки, пророкувај и кажи: ‚Вака вели Господ Бог: Лелекајте: Тешко на тој ден!
- 3
Зашто денот е близу; близу е Господовиот ден — ден на облаци, време на суд над народите.
- 4
Меч ќе дојде против Египет и трепет ќе го зафати Куш кога убиените ќе паѓаат во Египет. Ќе му го однесат богатството и неговите темели ќе бидат урнати.
- 5
Куш, Пут, Луд, сите мешани народи, Кув и синовите на сојузничката земја ќе паднат со нив од меч.‘
- 6
Вака вели Господ: ‚Ќе паднат оние што го поддржуваат Египет и ќе биде понижена гордоста на неговата сила. Од Мигдол до Сиена ќе паѓаат во него од меч‘“, вели Господ Бог.
- 7
„Ќе бидат опустошени меѓу опустошените земји, а нивните градови ќе бидат меѓу разурнатите градови.
- 8
Тогаш ќе знаат дека Јас сум Господ, кога ќе запалам оган во Египет и ќе бидат скршени сите негови помошници.
- 9
Во тој ден гласници ќе излезат од Мене со бродови за да го исплашат безгрижниот Куш. Трепет ќе ги зафати во денот на Египет, зашто ете, тој ден доаѓа.“
- 10
Вака вели Господ Бог: „Ќе му ставам крај на мноштвото Египетско преку раката на Навуходоносор, царот на Вавилон.
- 11
Тој и неговиот народ со него — најсуровите меѓу народите — ќе бидат доведени да ја уништат земјата. Ќе ги извадат своите мечеви против Египет и ќе ја наполнат земјата со убиени.
- 12
Ќе ги исушам реките и ќе ја предадам земјата во рацете на зли луѓе. Преку рацете на туѓинци ќе ја опустошам земјата и сѐ што е во неа. Јас, Господ, зборував.“
- 13
Вака вели Господ Бог: „Ќе ги уништам идолите и ќе им ставам крај на лажните богови во Ноф. Повеќе нема да има владетел од египетската земја и ќе внесам страв во Египет.
- 14
Ќе го опустошам Патрос, ќе запалам оган во Цоан и ќе извршам пресуди во Но.
- 15
Ќе ја излеам Својата лутина врз Син, тврдината на Египет, и ќе го истребам мноштвото во Но.
- 16
Ќе запалам оган во Египет. Син ќе се превива од болка, Но ќе биде пробиен, а Ноф ќе биде напаѓан среде бел ден.
- 17
Младичите на Авен и Пи-Бесет ќе паднат од меч, а нивните жители ќе заминат во заробеништво.
- 18
Во Тахпанхес денот ќе потемни кога таму ќе ги скршам јаремите на Египет и ќе престане гордоста на неговата сила. Облак ќе го покрие градот, а неговите населби ќе заминат во заробеништво.
- 19
Така ќе извршам пресуди над Египет и ќе знаат дека Јас сум Господ.“
- 20
Во единаесеттата година, во првиот месец, на седмиот ден од месецот, Господовиот збор дојде до мене:
- 21
„Сине човечки, ја скршив раката на фараонот, царот на Египет. Ете, не е преврзана за да оздрави, не е ставен завој за да зајакне и повторно да може да држи меч.
- 22
Затоа вака вели Господ Бог: ‚Ете, Јас сум против фараонот, царот на Египет. Ќе му ги скршам двете раце — и здравата и веќе скршената — и мечот ќе му падне од раката.
- 23
Ќе ги расеам Египќаните меѓу народите и ќе ги растурам по земјите.
- 24
Ќе ги зајакнам рацете на вавилонскиот цар и ќе го ставам Својот меч во неговата рака. А рацете на фараонот ќе ги скршам и тој ќе офка пред него како смртно ранет човек.
- 25
Ќе ги зајакнам рацете на вавилонскиот цар, а рацете на фараонот ќе паднат. Тогаш ќе знаат дека Јас сум Господ, кога ќе го ставам Својот меч во раката на вавилонскиот цар и тој ќе го испружи против египетската земја.
- 26
Ќе ги расеам Египќаните меѓу народите и ќе ги растурам по земјите. Тогаш ќе знаат дека Јас сум Господ.‘“