Прескокни кон главната содржина

Езекиел

Глава 32

  1. 1

    Во дванаесеттата година, во дванаесеттиот месец, на првиот ден од месецот, Господовиот збор дојде до мене:

  2. 2

    „Сине човечки, крени тажачка песна за фараонот, царот на Египет, и кажи му: ‚Се сметаше себеси за млад лав меѓу народите, но беше како морско чудовиште. Се разбиваше низ своите реки, ги матеше водите со нозете и ги заматуваше нивните потоци.

  3. 3

    Вака вели Господ Бог: Ќе ја раширам Својата мрежа над тебе преку собрание од многу народи и тие ќе те извлечат со Мојата мрежа.

  4. 4

    Ќе те фрлам на земјата и ќе те оставам на отворено поле. Ќе направам сите небесни птици да се населат врз тебе и со тебе ќе ги нахранам ѕверовите од целата земја.

  5. 5

    Ќе го положам твоето месо по планините и ќе ги наполнам долините со твоите останки.

  6. 6

    Ќе ја натопам земјата со твојата крв сѐ до планините, а водните текови ќе бидат полни со неа.

  7. 7

    Кога ќе те изгаснам, ќе ги покријам небесата и ќе ги затемнам нивните ѕвезди. Сонцето ќе го покријам со облак, а месечината нема да ја дава својата светлина.

  8. 8

    Сите небесни светила ќе ги затемнам над тебе и ќе ставам темнина врз твојата земја‘“, вели Господ Бог.

  9. 9

    „Ќе ги вознемирам срцата на многу народи кога ќе ја разгласам твојата пропаст меѓу народите, во земји што не си ги познавал.

  10. 10

    Ќе направам многу народи да се ужаснат поради тебе, а нивните цареви ќе затреперат од страв кога ќе замавнам со Својот меч пред нив. Во денот на твојот пад секој од нив непрестајно ќе трепери за својот живот.“

  11. 11

    Зашто вака вели Господ Бог: „Мечот на вавилонскиот цар ќе дојде врз тебе.

  12. 12

    Со мечевите на силни воини ќе го соборам твоето мноштво. Сите тие се најсуровите меѓу народите. Ќе ја уништат гордоста на Египет и целото негово мноштво ќе биде истребено.

  13. 13

    Ќе го уништам и целиот негов добиток покрај многуте води. Повеќе човечка нога нема да ги заматува, ниту животинско копито ќе ги мати.

  14. 14

    Тогаш ќе направам нивните води да се смират и нивните реки да течат мирно како масло“, вели Господ Бог.

  15. 15

    „Кога ќе ја претворам египетската земја во пустош, кога земјата ќе остане без сето она со кое беше исполнета и кога ќе ги удрам сите нејзини жители, тогаш ќе знаат дека Јас сум Господ.

  16. 16

    Ова е тажачката песна што ќе ја пеат за неа. Ќерките на народите ќе ја пеат; ќе тагуваат за Египет и за целото негово мноштво“, вели Господ Бог.

  17. 17

    Во дванаесеттата година, на петнаесеттиот ден од месецот, Господовиот збор дојде до мене:

  18. 18

    „Сине човечки, лелекај над мноштвото Египетско и спушти го него и ќерките на моќните народи во длабочините на земјата, со оние што слегуваат во јамата.

  19. 19

    ‚Од кого си поубав? Слези и легни со необрежаните!‘

  20. 20

    Ќе паднат меѓу убиените од меч. Египет е предаден на меч; одвлечете го него и целото негово мноштво.

  21. 21

    Најсилните меѓу јунаците ќе зборуваат за него од средината на Шеол, заедно со неговите сојузници: ‚Слегоа и лежат необрежани, убиени од меч.‘

  22. 22

    Таму е Асирија и целото нејзино мноштво. Нејзините гробови се насекаде околу неа; сите се убиени, паднати од меч.

  23. 23

    Нејзините гробови се поставени во најдлабокиот дел од јамата, а нејзиното мноштво е околу нејзиниот гроб. Сите се убиени, паднати од меч — тие што внесуваа ужас во земјата на живите.

  24. 24

    Таму е Елам со целото свое мноштво околу својот гроб. Сите се убиени, паднати од меч. Необрежани слегоа во длабочините на земјата, тие што внесуваа ужас во земјата на живите. Сега го носат својот срам со оние што слегуваат во јамата.

  25. 25

    Му подготвија легло меѓу убиените, заедно со целото негово мноштво. Нивните гробови се насекаде околу него. Сите се необрежани, убиени од меч. Бидејќи внесуваа ужас во земјата на живите, сега го носат својот срам со оние што слегуваат во јамата. Поставени се меѓу убиените.

  26. 26

    Таму се Мешех и Тувал со целото свое мноштво. Нивните гробови се насекаде околу нив. Сите се необрежани, убиени од меч, зашто внесуваа ужас во земјата на живите.

  27. 27

    Не лежат ли со јунаците што паднаа во древните времиња, кои слегоа во Шеол со своето воено оружје, со мечевите положени под главите и со своето беззаконие врз коските? Зашто како силни воини внесуваа ужас во земјата на живите.

  28. 28

    И ти ќе бидеш скршен меѓу необрежаните и ќе лежиш со убиените од меч.

  29. 29

    Таму е Едом, неговите цареви и сите негови водачи. И покрај својата сила, положени се со убиените од меч. Лежат со необрежаните и со оние што слегуваат во јамата.

  30. 30

    Таму се сите владетели од север и сите Сидонци. Слегоа со убиените, посрамени и покрај ужасот што го внесуваа со својата сила. Лежат необрежани со убиените од меч и го носат својот срам со оние што слегуваат во јамата.

  31. 31

    Фараонот ќе ги види и ќе најде утеха поради судбината на целото свое мноштво — фараонот и целата негова војска, убиени од меч“, вели Господ Бог.

  32. 32

    „Зашто дозволив неговиот ужас да се рашири во земјата на живите. Но фараонот и целото негово мноштво ќе бидат положени меѓу необрежаните, со убиените од меч“, вели Господ Бог.