Езекиел
Глава 34
- 1
Господовиот збор дојде до мене:
- 2
„Сине човечки, пророкувај против пастирите Израелеви. Пророкувај и кажи им на пастирите: ‚Вака вели Господ Бог: Тешко на пастирите Израелеви што се пасат самите себе! Зар пастирите не треба да го пасат стадото?
- 3
Го јадете најдоброто, се облекувате со волната и ги колете згоените животни, но стадото не го пасете.
- 4
Слабите не ги зајакнувате, болните не ги лекувате, повредените не ги преврзувате, растераните не ги враќате и изгубените не ги барате. Наместо тоа, владеете над нив со сила и суровост.
- 5
Така се распрснаа затоа што немаа пастир и станаа храна за сите полски ѕверови.
- 6
Моите овци талкаа по сите планини и по секој висок рид. Се распрснаа по целата земја, а немаше никој да ги бара и да се грижи за нив.
- 7
Затоа, пастири, слушнете го Господовиот збор!
- 8
Жив сум Јас‘, вели Господ Бог, ‚Моите овци станаа плен и храна за сите полски ѕверови бидејќи немаше вистински пастир. Моите пастири не ги бараа Моите овци, туку се пасеа самите себе, а Моето стадо не го пасеа.
- 9
Затоа, пастири, слушнете го Господовиот збор!
- 10
Вака вели Господ Бог: Ете, Јас сум против пастирите! Ќе го побарам Моето стадо од нивните раце и ќе им забранам повеќе да го пасат стадото. Пастирите повеќе нема да се пасат самите себе. Ќе ги избавам Моите овци од нивната уста и тие повеќе нема да им бидат храна.‘
- 11
Зашто вака вели Господ Бог: ‚Ете, Јас Самиот ќе ги побарам Моите овци и ќе се погрижам за нив.
- 12
Како што пастирот се грижи за своето стадо кога ќе се најде меѓу своите распрснати овци, така Јас ќе се погрижам за Моите овци. Ќе ги избавам од сите места каде што беа распрснати во денот на облаци и густа темнина.
- 13
Ќе ги изведам од народите, ќе ги соберам од земјите и ќе ги доведам во нивната земја. Ќе ги пасам по планините Израелеви, покрај потоците и по сите населени места во земјата.
- 14
На добро пасиште ќе ги пасам. На високите планини Израелеви ќе им биде почивалиштето. Таму ќе лежат на добро пасиште и ќе пасат на богати пасишта по планините Израелеви.
- 15
Јас Самиот ќе ги пасам Моите овци и Јас ќе им дадам да почиваат‘, вели Господ Бог.
- 16
‚Изгубената ќе ја побарам, растераната ќе ја вратам, повредената ќе ја преврзам и слабата ќе ја зајакнам. Но згоената и силната ќе ја уништам; ќе го пасам стадото со праведност.‘
- 17
А за вас, Мое стадо, вака вели Господ Бог: ‚Ете, ќе судам меѓу овца и овца, меѓу овните и јарците.
- 18
Зар ви е малку што пасете на најдоброто пасиште, па остатокот од пасиштето го газите со нозете? Зар ви е малку што пиете чиста вода, па остатокот го матите со нозете?
- 19
А Моите овци треба да го јадат она што вие го изгазивте и да ја пијат водата што вие ја замативте?‘
- 20
Затоа вака им вели Господ Бог: ‚Ете, Јас Самиот ќе судам меѓу згоената и слабата овца.
- 21
Бидејќи со страните и рамената ги туркате слабите и со роговите ги бодете сѐ додека не ги растеравте надвор,
- 22
Јас ќе го спасам Моето стадо и повеќе нема да биде плен. Ќе судам меѓу овца и овца.
- 23
Ќе поставам над нив еден Пастир, Мојот слуга Давид, и Тој ќе ги пасе. Тој ќе ги пасе и ќе им биде Пастир.
- 24
Јас, Господ, ќе им бидам Бог, а Мојот слуга Давид ќе биде водач меѓу нив. Јас, Господ, зборував.
- 25
Ќе склучам со нив завет на мир и ќе ги отстранам опасните ѕверови од земјата, така што ќе можат безбедно да живеат во пустината и да спијат во шумите.
- 26
Ќе ги направам нив и местата околу Мојата гора благослов. Ќе испраќам дожд во неговото време — дождови на благослов.
- 27
Полските дрвја ќе го даваат својот плод, а земјата својот род. Ќе живеат безбедно во својата земја. Тогаш ќе знаат дека Јас сум Господ, кога ќе ги скршам прачките на нивниот јарем и ќе ги избавам од рацете на оние што ги поробуваа.
- 28
Повеќе нема да бидат плен на народите, ниту полските ѕверови ќе ги проголтуваат. Ќе живеат безбедно и никој нема да ги плаши.
- 29
Ќе им подигнам насад што ќе биде прочуен. Повеќе нема да бидат уништувани од глад во земјата и нема повеќе да го носат срамот што им го нанесуваат народите.
- 30
Тогаш ќе знаат дека Јас, Господ, нивниот Бог, сум со нив и дека тие, домот Израелев, се Мој народ‘“, вели Господ Бог.
- 31
„Вие сте Мои овци, стадото на Моето пасиште; вие сте луѓе, а Јас сум вашиот Бог“, вели Господ Бог.