Езекиел
Глава 35
- 1
Господовиот збор дојде до мене:
- 2
„Сине човечки, сврти го своето лице против гората Сеир и пророкувај против неа.
- 3
Кажи ѝ: ‚Вака вели Господ Бог: Ете, Јас сум против тебе, горо Сеир! Ќе ја испружам Својата рака против тебе и ќе те претворам во целосна пустош.
- 4
Твоите градови ќе ги претворам во урнатини, а ти ќе станеш пустош. Тогаш ќе знаеш дека Јас сум Господ.
- 5
Бидејќи негуваше вечна омраза и ги предаваше синовите Израелеви под меч во времето на нивната несреќа, во времето кога нивното беззаконие ја достигна својата казна,
- 6
затоа, жив сум Јас‘, вели Господ Бог, ‚ќе те предадам на крвопролевање и крв ќе те гони. Бидејќи не го мразеше крвопролевањето, крв ќе те гони.
- 7
Ќе ја претворам гората Сеир во целосна пустош и ќе го истребам од неа секој што минува и се враќа.
- 8
Ќе ги наполнам нејзините планини со убиени. По твоите ридови, долини и сите твои потоци ќе паѓаат убиени од меч.
- 9
Ќе те претворам во вечна пустош и твоите градови повеќе нема да бидат населени. Тогаш ќе знаете дека Јас сум Господ.
- 10
Бидејќи рече: „Овие два народа и овие две земји ќе бидат мои; ние ќе ги наследиме“, иако Господ беше таму,
- 11
затоа, жив сум Јас‘, вели Господ Бог, ‚ќе постапам со тебе според гневот и зависта што ги покажа во својата омраза кон нив. Ќе им станам познат кога ќе ти судам.
- 12
Тогаш ќе знаеш дека Јас, Господ, ги слушнав сите навреди што ги изговори против планините Израелеви, велејќи: „Опустошени се; нам ни се дадени за да ги проголтаме!“
- 13
Со својата уста гордо зборувавте против Мене и умножувавте зборови против Мене. Јас го слушнав сето тоа.‘
- 14
Вака вели Господ Бог: ‚Кога целата земја ќе се радува, тебе ќе те претворам во пустош.
- 15
Како што се радуваше над наследството на домот Израелев кога беше опустошено, така ќе постапам со тебе. Ќе станеш пустош, горо Сеир, и целиот Едом со тебе. Тогаш ќе знаат дека Јас сум Господ.‘“