Езекиел
Глава 36
- 1
„А ти, сине човечки, пророкувај им на планините Израелеви и кажи: ‚Планини Израелеви, слушнете го Господовиот збор!
- 2
Вака вели Господ Бог: Бидејќи непријателот рече за вас: „Аха! Древните височини станаа наша сопственост“,
- 3
затоа пророкувај и кажи: ‚Вака вели Господ Бог: Бидејќи ве опустошија и ве напаѓаа од сите страни, сакајќи да станете сопственост на останатите народи, и станавте предмет на озборување и потсмев меѓу луѓето,
- 4
затоа, планини Израелеви, слушнете го зборот на Господ Бог! Вака вели Господ Бог на планините и ридовите, на потоците и долините, на опустошените урнатини и напуштените градови што станаа плен и потсмев за околните народи:
- 5
Во огнот на Својата ревност зборував против останатите народи и против целиот Едом, кои со радост во срцето и со презир ја присвоија Мојата земја за да ја ограбат.
- 6
Затоа пророкувај за земјата Израелева и кажи им на планините, ридовите, потоците и долините: Вака вели Господ Бог: Ете, зборував во Својата ревност и лутина, зашто го носевте срамот што ви го нанесуваа народите.
- 7
Затоа вака вели Господ Бог: Ја кренав Својата рака и се заколнав дека околните народи самите ќе го носат својот срам.
- 8
А вие, планини Израелеви, ќе пуштите гранки и ќе донесувате плод за Мојот народ Израел, зашто наскоро ќе се врати.
- 9
Ете, Јас сум со вас и ќе се свртам кон вас. Ќе бидете обработувани и засејувани.
- 10
Ќе намножам луѓе врз вас — целиот дом Израелев. Градовите повторно ќе бидат населени, а урнатините изградени.
- 11
Ќе намножам врз вас луѓе и животни; ќе се множат и ќе бидат плодни. Ќе ве населам како во поранешните времиња и ќе ви направам уште поголемо добро отколку во почетокот. Тогаш ќе знаете дека Јас сум Господ.
- 12
Ќе направам Мојот народ Израел повторно да оди по вас. Ќе ве наследат и ќе им бидете наследство; повеќе нема да ги оставате без деца.
- 13
Вака вели Господ Бог: Бидејќи за тебе велат: „Ти си земја што ги проголтува своите жители и ги остава своите народи без деца“,
- 14
повеќе нема да проголтуваш луѓе ниту ќе ги оставаш своите жители без деца‘“, вели Господ Бог.
- 15
„Повеќе нема да дозволам да го слушаш срамот што ти го нанесуваат народите, ниту ќе го носиш нивниот потсмев. Повеќе нема да го доведуваш својот народ до пропаст“, вели Господ Бог.
- 16
Господовиот збор повторно дојде до мене:
- 17
„Сине човечки, кога домот Израелев живееше во својата земја, ја оскверни со своите патишта и дела. Нивниот пат пред Мене беше како нечистотијата на жена во времето на нејзината нечистота.
- 18
Затоа ја излеав Својата лутина врз нив поради крвта што ја пролеаја во земјата и поради идолите со кои ја осквернија.
- 19
Ги расеав меѓу народите и ги растурив по земјите. Им судев според нивните патишта и дела.
- 20
Но каде и да отидеа меѓу народите, го осквернуваа Моето свето име, зашто за нив се велеше: ‚Овие се Господовиот народ, а сепак мораа да излезат од Неговата земја.‘
- 21
Тогаш се загрижив за Своето свето име, кое домот Израелев го осквернуваше меѓу народите каде што отиде.
- 22
Затоа кажи му на домот Израелев: ‚Вака вели Господ Бог: Не го правам ова заради вас, доме Израелев, туку заради Своето свето име, кое го осквернивте меѓу народите каде што отидовте.
- 23
Ќе ја покажам светоста на Своето големо име, кое беше осквернето меѓу народите и кое вие го осквернувавте среде нив. Тогаш народите ќе знаат дека Јас сум Господ‘, вели Господ Бог, ‚кога преку вас ќе ја покажам Својата светост пред нивните очи.
- 24
Ќе ве земам од народите, ќе ве соберам од сите земји и ќе ве доведам во вашата земја.
- 25
Ќе попрскам врз вас чиста вода и ќе бидете чисти. Ќе ве очистам од сите ваши нечистотии и од сите ваши идоли.
- 26
Ќе ви дадам ново срце и ќе ставам нов дух во вас. Ќе го отстранам каменото срце од вашето тело и ќе ви дадам срце од месо.
- 27
Ќе го ставам Својот Дух во вас и ќе направам да одите според Моите одредби, да ги чувате Моите прописи и да ги исполнувате.
- 28
Ќе живеете во земјата што им ја дадов на вашите татковци. Ќе бидете Мој народ, а Јас ќе бидам ваш Бог.
- 29
Ќе ве избавам од сите ваши нечистотии. Ќе го повикам житото и ќе го умножам; повеќе нема да испраќам глад врз вас.
- 30
Ќе го умножам плодот на дрвјата и родот на полињата, за повеќе да не го носите срамот на гладот меѓу народите.
- 31
Тогаш ќе се сетите на своите зли патишта и на своите дела што не беа добри, и ќе се згрозите од самите себе поради своите беззаконија и одвратности.
- 32
Добро знајте: не го правам ова заради вас‘, вели Господ Бог. ‚Засрамете се и понижете се поради своите патишта, доме Израелев!‘
- 33
Вака вели Господ Бог: ‚Во денот кога ќе ве очистам од сите ваши беззаконија, повторно ќе ги населам градовите и урнатините ќе бидат изградени.
- 34
Опустошената земја повторно ќе биде обработувана, наместо да лежи пуста пред очите на секој минувач.
- 35
Тогаш ќе велат: „Оваа земја што беше опустошена стана како Еденската градина, а разурнатите, опустошени и уништени градови сега се утврдени и населени.“
- 36
Останатите народи околу вас ќе знаат дека Јас, Господ, ги изградив урнатините и го засадив она што беше опустошено. Јас, Господ, зборував и ќе го направам тоа.
- 37
Вака вели Господ Бог: Уште и за ова ќе дозволам домот Израелев да Ме побара, за да им го направам: ќе ги намножам нивните луѓе како стадо.
- 38
Како светото стадо, како мноштвото овци во Ерусалим за време на празниците, така опустошените градови ќе бидат исполнети со мноштво луѓе. Тогаш ќе знаат дека Јас сум Господ.‘“