Прескокни кон главната содржина

Езекиел

Глава 37

  1. 1

    Господовата рака беше врз мене. Господовиот Дух ме изведе и ме постави среде една долина, а таа беше полна со коски.

  2. 2

    Ме проведе меѓу нив насекаде. Ете, имаше многу коски по целата долина и беа сосема суви.

  3. 3

    Тој ми рече: „Сине човечки, можат ли овие коски повторно да оживеат?“ Јас одговорив: „Господи Боже, Ти знаеш.“

  4. 4

    Тогаш ми рече: „Пророкувај над овие коски и кажи им: ‚Суви коски, слушнете го Господовиот збор!

  5. 5

    Вака вели Господ Бог на овие коски: Ете, ќе внесам здив во вас и ќе оживеете.

  6. 6

    Ќе ставам жили врз вас, ќе направам да израсне месо, ќе ве покријам со кожа и ќе внесам здив во вас. Ќе оживеете и ќе знаете дека Јас сум Господ.‘“

  7. 7

    Пророкував како што ми беше заповедано. Додека пророкував, се слушна звук, а потоа силен потрес, и коските се приближија една кон друга, секоја кон својата коска.

  8. 8

    Погледнав и ете, на нив се појавија жили, израсна месо и кожата ги покри одозгора, но во нив сѐ уште немаше здив.

  9. 9

    Тогаш ми рече: „Пророкувај му на здивот! Пророкувај, сине човечки, и кажи му: ‚Вака вели Господ Бог: Дојди, здиве, од четирите ветрови и вдахни во овие убиени, за да оживеат!‘“

  10. 10

    Пророкував како што ми заповеда. Здивот влезе во нив, тие оживеаја и застанаа на нозете — огромно, многубројно мноштво.

  11. 11

    Потоа ми рече: „Сине човечки, овие коски се целиот дом Израелев. Ете, тие велат: ‚Нашите коски се исушија, нашата надеж исчезна; сосема сме отсечени.‘

  12. 12

    Затоа пророкувај и кажи им: ‚Вака вели Господ Бог: Ете, ќе ги отворам вашите гробови и ќе ве изведам од вашите гробови, народе Мој, и ќе ве доведам во земјата Израелева.

  13. 13

    Тогаш ќе знаете дека Јас сум Господ, кога ќе ги отворам вашите гробови и ќе ве изведам од нив, народе Мој.

  14. 14

    Ќе го ставам Својот Дух во вас и ќе оживеете. Ќе ве населам во вашата земја и ќе знаете дека Јас, Господ, зборував и го направив тоа‘“, вели Господ.

  15. 15

    Господовиот збор повторно дојде до мене:

  16. 16

    „А ти, сине човечки, земи едно парче дрво и напиши на него: ‚За Јуда и за синовите Израелеви што се со него.‘ Потоа земи друго парче дрво и напиши на него: ‚За Јосиф — дрвото на Ефрем — и за целиот дом Израелев што е со него.‘

  17. 17

    Спои ги едно со друго, за да станат едно дрво во твојата рака.

  18. 18

    Кога синовите на твојот народ ќе те прашаат: ‚Нема ли да ни кажеш што значи ова?‘

  19. 19

    кажи им: ‚Вака вели Господ Бог: Ете, ќе го земам дрвото на Јосиф, кое е во раката на Ефрем, и племињата Израелеви што се со него, ќе го спојам со дрвото на Јуда и ќе ги направам едно дрво. Ќе станат едно во Мојата рака.‘

  20. 20

    Дрвата на кои ќе напишеш држи ги во својата рака пред нивните очи.

  21. 21

    Потоа кажи им: ‚Вака вели Господ Бог: Ете, ќе ги земам синовите Израелеви од народите кај кои отидоа. Ќе ги соберам од сите страни и ќе ги доведам во нивната земја.

  22. 22

    Ќе ги направам еден народ во земјата, на планините Израелеви. Еден Цар ќе владее над сите нив. Повеќе нема да бидат два народа и никогаш повеќе нема да бидат поделени на две царства.

  23. 23

    Повеќе нема да се осквернуваат со своите идоли, со своите одвратности и со сите свои престапи. Ќе ги избавам од сите места каде што грешеа и ќе ги очистам. Тие ќе бидат Мој народ, а Јас ќе бидам нивен Бог.

  24. 24

    Мојот слуга Давид ќе биде Цар над нив, и сите ќе имаат еден Пастир. Ќе одат според Моите прописи, ќе ги чуваат Моите одредби и ќе ги исполнуваат.

  25. 25

    Ќе живеат во земјата што му ја дадов на Мојот слуга Јаков, во која живееја вашите татковци. Во неа ќе живеат тие, нивните деца и децата на нивните деца засекогаш, а Мојот слуга Давид ќе им биде водач засекогаш.

  26. 26

    Ќе склучам со нив завет на мир; тоа ќе биде вечен завет со нив. Ќе ги утврдам, ќе ги намножам и ќе го поставам Своето светилиште среде нив засекогаш.

  27. 27

    Моето живеалиште ќе биде меѓу нив. Јас ќе им бидам Бог, а тие ќе бидат Мој народ.

  28. 28

    Тогаш народите ќе знаат дека Јас сум Господ, Кој го посветува Израел, кога Моето светилиште ќе биде среде нив засекогаш.‘“