Прескокни кон главната содржина

Езекиел

Глава 38

  1. 1

    Господовиот збор дојде до мене:

  2. 2

    „Сине човечки, сврти го своето лице кон Гог, од земјата Магог, главниот водач на Мешех и Тувал, и пророкувај против него.

  3. 3

    Кажи: ‚Вака вели Господ Бог: Ете, Јас сум против тебе, Гоге, главен водачу на Мешех и Тувал!

  4. 4

    Ќе те свртам, ќе ти ставам куки во челустите и ќе те изведам тебе и целата твоја војска — коњи и коњаници, сите прекрасно вооружени, огромно мноштво со големи и мали штитови, сите вооружени со мечеви.

  5. 5

    Со нив ќе бидат Персија, Куш и Пут, сите со штитови и шлемови;

  6. 6

    Гомер со сите свои чети и домот Тогарма од најдалечниот север со сите свои чети — многу народи ќе бидат со тебе.

  7. 7

    Подготви се! Биди подготвен ти и целото мноштво што се собра околу тебе, и биди им водач.

  8. 8

    По многу денови ќе бидеш повикан. Во последните години ќе дојдеш во земјата обновена по мечот, чиј народ е собран од многу народи, на планините Израелеви што долго време беа опустошени. Нивните жители се изведени од народите и сега сите живеат безбедно.

  9. 9

    Ќе се кренеш и ќе дојдеш како бура. Ќе бидеш како облак што ја покрива земјата — ти, сите твои чети и многуте народи со тебе.

  10. 10

    Вака вели Господ Бог: Во тој ден ќе ти дојдат мисли во срцето и ќе смислиш зол план.

  11. 11

    Ќе речеш: „Ќе се кренам против земја со неоградени населби. Ќе нападнам мирни луѓе што живеат безбедно, без ѕидови, рези и порти.

  12. 12

    Ќе ограбам и ќе земам плен. Ќе ја кренам својата рака против повторно населените урнатини и против народот собран од народите, кој стекнал добиток и имот и живее во средината на земјата.“

  13. 13

    Сава, Дедан, трговците од Таршиш и сите нивни моќници ќе те прашаат: „Зар доаѓаш да ограбуваш? Зар го собра своето мноштво за да земеш плен, да однесеш сребро и злато, да земеш добиток и имот и да се здобиеш со голем плен?“‘

  14. 14

    Затоа пророкувај, сине човечки, и кажи му на Гог: ‚Вака вели Господ Бог: Во оној ден, кога Мојот народ Израел ќе живее безбедно, зар нема да го дознаеш тоа?

  15. 15

    Ќе дојдеш од своето место, од најдалечниот север, ти и многу народи со тебе — сите јавачи на коњи, огромно мноштво и силна војска.

  16. 16

    Ќе се кренеш против Мојот народ Израел како облак што ја покрива земјата. Тоа ќе се случи во последните денови. Ќе те доведам против Мојата земја, за народите да Ме познаат кога преку тебе, Гоге, ќе ја покажам Својата светост пред нивните очи.‘“

  17. 17

    Вака вели Господ Бог: „Зар ти не си оној за кого зборував во древните денови преку Моите слуги, пророците Израелеви, кои во тие денови со години пророкуваа дека ќе те доведам против нив?

  18. 18

    Во оној ден, кога Гог ќе дојде против земјата Израелева“, вели Господ Бог, „Мојот гнев ќе се разгори.

  19. 19

    Во Својата ревност и во огнот на Својот гнев изјавувам: во тој ден ќе има голем потрес во земјата Израелева.

  20. 20

    Пред Мене ќе затреперат морските риби, небесните птици, полските животни, сите суштества што лазат по земјата и сите луѓе на земјата. Планините ќе се урнат, карпите ќе се распаднат и секој ѕид ќе падне на земјата.

  21. 21

    Ќе повикам меч против него по сите Мои планини“, вели Господ Бог. „Мечот на секој човек ќе се сврти против неговиот брат.

  22. 22

    Ќе му судам со помор и крвопролевање. Врз него, врз неговите чети и врз многуте народи со него ќе пуштам пороен дожд, голем град, оган и сулфур.

  23. 23

    Така ќе ја покажам Својата величина и светост и ќе станам познат пред очите на многу народи. Тогаш ќе знаат дека Јас сум Господ.“