Прескокни кон главната содржина

Езекиел

Глава 39

  1. 1

    „А ти, сине човечки, пророкувај против Гог и кажи: ‚Вака вели Господ Бог: Ете, Јас сум против тебе, Гоге, главен водачу на Мешех и Тувал!

  2. 2

    Ќе те свртам, ќе те поведам и ќе те изведам од најдалечниот север. Ќе те доведам на планините Израелеви.

  3. 3

    Ќе ти го удрам лакот од левата рака и ќе направам стрелите да ти испаднат од десната.

  4. 4

    Ќе паднеш на планините Израелеви — ти, сите твои чети и народите што се со тебе. Ќе ве дадам како храна на секакви грабливи птици и на полските ѕверови.

  5. 5

    Ќе паднеш на отворено поле, зашто Јас зборував‘“, вели Господ Бог.

  6. 6

    „Ќе испратам оган врз Магог и врз оние што безбедно живеат по островите. Тогаш ќе знаат дека Јас сум Господ.

  7. 7

    Ќе го направам Своето свето име познато среде Мојот народ Израел и повеќе нема да дозволам Моето свето име да биде осквернувано. Народите ќе знаат дека Јас сум Господ, Светиот во Израел.

  8. 8

    Ете, доаѓа и сигурно ќе се случи“, вели Господ Бог. „Тоа е денот за кој зборував.

  9. 9

    Тогаш жителите на градовите Израелеви ќе излезат и ќе ги палат оружјата како гориво — големите и малите штитови, лаковите и стрелите, стаповите и копјата. Со нив ќе палат оган седум години.

  10. 10

    Нема да носат дрва од полињата ниту ќе сечат од шумите, зашто оружјата ќе им служат како гориво. Ќе ги ограбат оние што ги ограбуваа и ќе го земат пленот од оние што ги пленеа“, вели Господ Бог.

  11. 11

    „Во тој ден ќе му дадам на Гог место за гроб во Израел — во долината на патниците, источно од морето. Таа ќе го попречува патувањето, зашто таму ќе бидат погребани Гог и целото негово мноштво. Ќе ја наречат Долината Хамон-Гог.

  12. 12

    Домот Израелев ќе ги погребува седум месеци, за да ја очисти земјата.

  13. 13

    Целиот народ на земјата ќе учествува во погребувањето. Тоа ќе им донесе чест во денот кога ќе се прославам“, вели Господ Бог.

  14. 14

    Ќе определат луѓе што постојано ќе минуваат низ земјата и, заедно со другите, ќе ги погребуваат телата што останале на земјата, за да ја очистат. По седум месеци ќе извршат темелно пребарување.

  15. 15

    Кога оние што минуваат низ земјата ќе видат човечка коска, ќе постават знак покрај неа, сѐ додека погребувачите не ја погребаат во Долината Хамон-Гог.

  16. 16

    И еден град ќе се вика Хамона. Така ќе ја очистат земјата.

  17. 17

    „А ти, сине човечки, вака вели Господ Бог: Кажи им на сите птици и на сите полски ѕверови: ‚Соберете се и дојдете! Соберете се од сите страни на жртвата што ја подготвувам за вас — голема жртвена гозба на планините Израелеви. Ќе јадете месо и ќе пиете крв.

  18. 18

    Ќе јадете месо од јунаци и ќе пиете крв од земните водачи — како да се овни, јагниња, јарци и бикови, сите згоени животни од Башан.

  19. 19

    Ќе јадете маст додека не се наситите и ќе пиете крв додека не се опиете од жртвената гозба што ја подготвив за вас.

  20. 20

    На Мојата трпеза ќе се наситите со коњи и јавачи, со јунаци и со секакви воини‘“, вели Господ Бог.

  21. 21

    „Ќе ја покажам Својата слава меѓу народите и сите народи ќе ја видат пресудата што ја извршив и Моќта што ја покажав меѓу нив.

  22. 22

    Од тој ден па натаму домот Израелев ќе знае дека Јас сум Господ, нивниот Бог.

  23. 23

    И народите ќе знаат дека домот Израелев отиде во прогонство поради своето беззаконие, зашто Ми беа неверни. Затоа го скрив Своето лице од нив, ги предадов во рацете на нивните непријатели и сите паднаа од меч.

  24. 24

    Постапив со нив според нивната нечистотија и престапи и го скрив Своето лице од нив.

  25. 25

    Затоа вака вели Господ Бог: „Сега ќе ја обновам состојбата на Јаков и ќе се смилувам на целиот дом Израелев. Ќе ја покажам Својата ревност за Своето свето име.

  26. 26

    Ќе го носат својот срам и ќе се сеќаваат на сето неверство со кое Ми беа неверни, кога повторно ќе живеат безбедно во својата земја и никој нема да ги плаши.

  27. 27

    Кога ќе ги вратам од народите и ќе ги соберам од земјите на нивните непријатели, преку нив ќе ја покажам Својата светост пред очите на многу народи.

  28. 28

    Тогаш ќе знаат дека Јас сум Господ, нивниот Бог: Јас ги испратив во прогонство меѓу народите, но потоа ги собрав во нивната земја и нема да оставам ниеден од нив таму.

  29. 29

    Повеќе нема да го кријам Своето лице од нив, зашто ќе го излеам Својот Дух врз домот Израелев“, вели Господ Бог.