Езекиел
Глава 5
- 1
„А ти, сине човечки, земи остар меч и употреби го како берберски брич. Помини со него преку својата глава и брада. Потоа земи вага, измери ја косата и подели ја.
- 2
Една третина изгори ја во оган среде градот кога ќе завршат деновите на опсадата. Втората третина земи ја и сечи ја со меч околу градот. Последната третина расеј ја на ветерот, а Јас ќе извлечам меч по нив.
- 3
Од неа земи мал број влакна и завиткај ги во краевите на својата облека.
- 4
Потоа земи уште неколку од нив, фрли ги во огнот и изгори ги. Од нив ќе излезе оган против целиот дом Израелев.“
- 5
Вака вели Господ Бог: „Ова е Ерусалим. Го поставив среде народите, а земјите се насекаде околу него.
- 6
Но тој злобно се побуни против Моите прописи повеќе од народите и против Моите одредби повеќе од земјите околу него. Ги отфрлија Моите прописи и не одеа според Моите одредби.
- 7
Затоа вака вели Господ Бог: ‚Бидејќи бевте побунтовни од народите околу вас, не одевте според Моите одредби, не ги исполнувавте Моите прописи, па дури не живеевте ни според правилата на народите околу вас,
- 8
затоа вака вели Господ Бог: Ете, и Јас сум против тебе! Среде тебе ќе извршам пресуди пред очите на народите.
- 9
Поради сите твои одвратности ќе направам со тебе нешто какво што досега не сум направил и какво повеќе нема да направам.
- 10
Затоа татковците среде тебе ќе ги јадат своите синови, а синовите ќе ги јадат своите татковци. Ќе извршам пресуди над тебе и целиот твој остаток ќе го расеам на сите ветрови.
- 11
Затоа, жив сум Јас‘, вели Господ Бог, ‚бидејќи го оскверни Моето светилиште со сите свои одвратни идоли и со сите свои одвратности, и Јас ќе те намалам. Моето око нема да те поштеди и нема да покажам сожалување.
- 12
Една третина од тебе ќе умре од помор и ќе биде уништена од глад среде тебе; една третина ќе падне од меч околу тебе; а една третина ќе ја расеам на сите ветрови и ќе извлечам меч по нив.
- 13
Така Мојот гнев ќе се исполни. Ќе ја излеам Својата лутина врз нив и ќе се смирам. Тогаш ќе знаат дека Јас, Господ, зборував во Својата ревност, кога целосно ќе ја излеам Својата лутина врз нив.
- 14
Ќе те претворам во пустош и предмет на срам меѓу народите околу тебе, пред очите на секој што ќе помине.
- 15
Ќе станеш предмет на срам и потсмев, предупредување и ужас за народите околу тебе, кога ќе извршам пресуди над тебе во гнев, лутина и жестоки казни. Јас, Господ, зборував.
- 16
Кога ќе ги испратам врз вас смртоносните стрели на гладот, кои носат уништување и кои ќе ги испратам за да ве уништам, ќе го засилам гладот против вас и ќе го прекинам вашето снабдување со леб.
- 17
Ќе испратам врз вас глад и диви ѕверови што ќе ве остават без деца. Помор и крвопролевање ќе поминат низ тебе, а ќе донесам и меч против тебе. Јас, Господ, зборував.“