Прескокни кон главната содржина

Езекиел

Глава 6

  1. 1

    Господовиот збор дојде до мене:

  2. 2

    „Сине човечки, сврти го своето лице кон планините Израелеви и пророкувај против нив.

  3. 3

    Кажи: ‚Планини Израелеви, слушнете го зборот на Господ Бог! Вака вели Господ Бог на планините и ридовите, на клисурите и долините: Ете, ќе донесам меч против вас и ќе ги уништам вашите височини.

  4. 4

    Вашите жртвеници ќе бидат опустошени, вашите столбови посветени на сонцето ќе бидат скршени, а вашите убиени ќе ги фрлам пред вашите идоли.

  5. 5

    Мртвите тела на синовите Израелеви ќе ги положам пред нивните идоли и ќе ги расеам вашите коски околу вашите жртвеници.

  6. 6

    Насекаде каде што живеете градовите ќе бидат разурнати, а височините опустошени. Вашите жртвеници ќе бидат урнати и запустени, идолите ќе бидат скршени и уништени, столбовите посветени на сонцето ќе бидат исечени и делата на вашите раце ќе исчезнат.

  7. 7

    Убиените ќе паѓаат среде вас, и ќе знаете дека Јас сум Господ.

  8. 8

    Но ќе оставам остаток: некои од вас ќе му избегаат на мечот меѓу народите кога ќе бидете расеани по земјите.

  9. 9

    Оние од вас што ќе преживеат ќе се сетат на Мене меѓу народите каде што ќе бидат одведени во заробеништво. Ќе сфатат колку Ме повреди нивното неверно срце што се одврати од Мене и нивните очи што блудствуваа по идолите. Тогаш ќе се згрозат од самите себе поради злото што го направија и поради сите свои одвратности.

  10. 10

    Ќе знаат дека Јас сум Господ и дека не зборував напразно кога реков дека ќе ја донесам оваа несреќа врз нив.‘“

  11. 11

    Вака вели Господ Бог: „Удри со дланките, затропај со ногата и извикај: ‚Тешко!‘ — поради сите зли одвратности на домот Израелев, зашто ќе паднат од меч, глад и помор.

  12. 12

    Оној што е далеку ќе умре од помор; оној што е близу ќе падне од меч; а оној што ќе остане и ќе ја преживее опсадата ќе умре од глад. Така целосно ќе ја излеам Својата лутина врз нив.

  13. 13

    Ќе знаете дека Јас сум Господ кога нивните убиени ќе лежат меѓу нивните идоли, околу нивните жртвеници — на секој висок рид, по сите планински врвови, под секое зелено дрво и под секој разгранет даб, на местата каде што им принесуваа пријатен мирис на сите свои идоли.

  14. 14

    Ќе ја испружам Својата рака против нив и ќе ја претворам земјата во пустош и безживотна пустина, од пустината до Дивла, насекаде каде што живеат. Тогаш ќе знаат дека Јас сум Господ.“