Прескокни кон главната содржина

Езекиел

Глава 7

  1. 1

    Господовиот збор повторно дојде до мене:

  2. 2

    „А ти, сине човечки, вака вели Господ Бог за земјата Израелева: ‚Крај! Крајот дојде врз четирите краишта на земјата.

  3. 3

    Сега дојде твојот крај. Ќе го испратам Својот гнев против тебе и ќе ти судам според твоите патишта; врз тебе ќе ги вратам сите твои одвратности.

  4. 4

    Моето око нема да те поштеди и нема да покажам сожалување. Ќе ти возвратам според твоите патишта, а последиците од твоите одвратности ќе останат среде тебе. Тогаш ќе знаете дека Јас сум Господ.‘

  5. 5

    Вака вели Господ Бог: ‚Несреќа! Ете, доаѓа невидена несреќа!

  6. 6

    Крајот доаѓа! Дојде крајот! Се разбуди против тебе — ете, доаѓа!

  7. 7

    Дојде твојата судбина, жителу на земјата! Дојде времето, близу е денот — ден на немир, а не на радосни извици по планините.

  8. 8

    Наскоро ќе ја излеам Својата лутина врз тебе и целосно ќе го истурам Својот гнев. Ќе ти судам според твоите патишта и ќе ти возвратам за сите твои одвратности.

  9. 9

    Моето око нема да те поштеди и нема да покажам сожалување. Ќе ти возвратам според твоите патишта, а твоите одвратности ќе бидат среде тебе. Тогаш ќе знаете дека Јас, Господ, сум Оној што удира.

  10. 10

    Ете го денот! Ете, доаѓа! Судбината пристигна; стапот расцуте, гордоста процвета.

  11. 11

    Насилството израсна во стап на беззаконието. Ништо нема да остане од нив — ниту од нивното мноштво, ниту од нивното богатство, ниту од нивната слава.

  12. 12

    Дојде времето, пристигна денот. Купувачот нека не се радува, а продавачот нека не тагува, зашто гневот е врз целото нивно мноштво.

  13. 13

    Продавачот нема да се врати кон она што го продал, дури и ако двајцата останат живи, зашто видението се однесува на целото мноштво и нема да биде повлечено. Никој нема да го зачува својот живот преку своето беззаконие.

  14. 14

    Затрубија со труба и сѐ подготвија, но никој не тргнува во битка, зашто Мојот гнев е врз целото нивно мноштво.

  15. 15

    Надвор е мечот, а внатре поморот и гладот. Оној што е во полето ќе умре од меч, а оној што е во градот ќе го проголтаат гладот и поморот.

  16. 16

    Оние што ќе успеат да избегаат ќе се засолнат по планините како гулаби по долините; сите ќе офкаат, секој поради своето беззаконие.

  17. 17

    Сите раце ќе ослабат и сите колена ќе затреперат од страв.

  18. 18

    Ќе се облечат во вреќиште и ужас ќе ги покрие. На секое лице ќе има срам, а секоја глава ќе биде избричена во знак на жалост.

  19. 19

    Своето сребро ќе го фрлаат по улиците, а нивното злато ќе им стане нечисто. Ниту среброто ниту златото нема да можат да ги избават во денот на Господовиот гнев. Со нив нема да ја наситат душата ниту да го наполнат стомакот, зашто токму богатството им стана причина за беззаконие.

  20. 20

    Со прекрасниот накит се гордееја и од него ги направија ликовите на своите одвратни и гнасни идоли. Затоа ќе направам сето тоа да им стане нечисто.

  21. 21

    Ќе го предадам во рацете на туѓинци како плен и на безбожниците на земјата како грабеж, и тие ќе го осквернат.

  22. 22

    Ќе го свртам Своето лице од нив, а тие ќе го осквернат Моето скриено свето место. Разбојници ќе влезат во него и ќе го осквернат.

  23. 23

    Направи синџир, зашто земјата е полна со крвопролевање, а градот е полн со насилство.

  24. 24

    Ќе ги доведам најлошите меѓу народите и тие ќе ги заземат нивните домови. Ќе ѝ ставам крај на гордоста на моќните, а нивните свети места ќе бидат осквернети.

  25. 25

    Доаѓа ужас! Ќе бараат мир, но нема да го најдат.

  26. 26

    Несреќа ќе следи по несреќа, а вест по вест. Ќе бараат видение од пророк, но поуката ќе исчезне од свештеникот, а советот од старешините.

  27. 27

    Царот ќе тагува, водачот ќе биде облечен во ужас, а рацете на народот ќе треперат. Ќе постапам со нив според нивните патишта и ќе им судам според нивните сопствени пресуди. Тогаш ќе знаат дека Јас сум Господ.‘“