Прескокни кон главната содржина

Езекиел

Глава 8

  1. 1

    Во шестата година, во шестиот месец, на петтиот ден од месецот, седев во својот дом, а старешините на Јуда седеа пред мене. Тогаш таму врз мене се спушти раката на Господ Бог.

  2. 2

    Погледнав и ете, видов облик што личеше на оган. Од неговата половина надолу изгледаше како оган, а од половината нагоре како блескав сјај, како сјаен метал.

  3. 3

    Тој испружи нешто што личеше на рака и ме фати за прамен од косата. Духот ме подигна меѓу земјата и небото и во Божји виденија ме однесе во Ерусалим, кај влезот на внатрешната порта свртена кон север, каде што стоеше идолот што предизвикува Божја ревност.

  4. 4

    Ете, таму беше славата на Бог Израелев, како во видението што го видов во долината.

  5. 5

    Тој ми рече: „Сине човечки, подигни ги очите кон север.“ Ги подигнав очите кон север и ете, северно од портата кај жртвеникот, на самиот влез, стоеше тој идол што предизвикува ревност.

  6. 6

    Ми рече: „Сине човечки, гледаш ли што прават? Гледаш ли какви големи одвратности прави овде домот Израелев, принудувајќи Ме да се оддалечам од Моето светилиште? Но ќе видиш уште поголеми одвратности.“

  7. 7

    Потоа ме доведе до влезот на дворот. Погледнав и ете, имаше дупка во ѕидот.

  8. 8

    Ми рече: „Сине човечки, прокопај го ѕидот.“ Го прокопав ѕидот и ете, се појави влез.

  9. 9

    Тогаш ми рече: „Влези и погледни ги злите одвратности што ги прават овде.“

  10. 10

    Влегов и погледнав. Ете, на ѕидовите насекаде околу беа изрезбани секакви облици на лазачи, нечисти животни и сите идоли на домот Израелев.

  11. 11

    Пред нив стоеја седумдесетмина од старешините на домот Израелев, а меѓу нив стоеше Јаазанија, синот на Шафан. Секој држеше кадилница во раката и се креваше густ облак од темјан.

  12. 12

    Тогаш ми рече: „Сине човечки, гледаш ли што прават старешините на домот Израелев во темнината, секој во својата одаја исполнета со идолски слики? Зашто велат: ‚Господ не нѐ гледа; Господ ја остави земјата.‘“

  13. 13

    Потоа ми рече: „Ќе видиш уште поголеми одвратности што ги прават.“

  14. 14

    Ме доведе до влезот на северната порта на Господовиот дом. Ете, таму седеа жени и го оплакуваа Тамуз.

  15. 15

    Ми рече: „Гледаш ли, сине човечки? Ќе видиш уште поголеми одвратности од овие.“

  16. 16

    Потоа ме доведе во внатрешниот двор на Господовиот дом. Ете, кај влезот во Господовиот храм, меѓу предворјето и жртвеникот, имаше околу дваесет и пет мажи. Со грбот беа свртени кон Господовиот храм, а со лицата кон исток, и се поклонуваа кон исток пред сонцето.

  17. 17

    Тогаш ми рече: „Гледаш ли, сине човечки? Зар е мала работа за домот Јудин што ги прави овие одвратности овде? Ја наполнија земјата со насилство и повторно Ме предизвикуваат на гнев. Ете, ја принесуваат гранката пред својот нос.

  18. 18

    Затоа и Јас ќе постапам со нив во гнев. Моето око нема да ги поштеди и нема да покажам сожалување. Иако ќе викаат гласно во Моите уши, нема да ги слушнам.“