1 Мојсеева — Битие
Глава 1
- 1
Во почетокот Бог ги создаде небото и земјата.
- 2
Земјата беше пуста и неуредена; темнина ја покриваше бездната, а Божјиот Дух се движеше над водата.
- 3
Бог рече: „Нека биде светлина!“ И настана светлина.
- 4
Бог виде дека светлината е добра и ја оддели светлината од темнината.
- 5
Светлината Бог ја нарече Ден, а темнината ја нарече Ноќ. И беше вечер, и беше утро — прв ден.
- 6
Бог рече: „Нека има простор среде водите, за да одделува вода од вода.“
- 7
И Бог го направи просторот; ја оддели водата што беше под просторот од водата што беше над просторот. И стана така.
- 8
Бог го нарече просторот Небо. И беше вечер, и беше утро — втор ден.
- 9
Бог рече: „Нека се собере на едно место водата што е под небото, за да се покаже копното.“ И стана така.
- 10
Бог го нарече копното Земја, а собраните води ги нарече Мориња. И Бог виде дека е добро.
- 11
Бог рече: „Нека никне од земјата зеленило: растенија што даваат семе и плодни дрвја што раѓаат плод според својот вид, со семе во себе.“ И стана така.
- 12
Земјата пушти зеленило, растенија што даваат семе според својот вид и дрвја што раѓаат плод според својот вид, со семе во себе. И Бог виде дека е добро.
- 13
И беше вечер, и беше утро — трет ден.
- 14
Бог рече: „Нека има светила на небесниот простор, за да го одделуваат денот од ноќта; нека служат како знаци за времињата, деновите и годините.
- 15
Нека бидат светила на небесниот простор и нека ја осветлуваат земјата.“ И стана така.
- 16
Бог ги создаде двете големи светила: поголемото светило за да владее со денот, а помалото светило за да владее со ноќта; ги создаде и ѕвездите.
- 17
Бог ги постави на небесниот простор за да ја осветлуваат земјата,
- 18
да владеат со денот и со ноќта и да ја одделуваат светлината од темнината. И Бог виде дека е добро.
- 19
И беше вечер, и беше утро — четврти ден.
- 20
Бог рече: „Нека водата изобилува со живи суштества, а птиците нека летаат над земјата по небесниот простор.“
- 21
Бог ги создаде големите морски животни и секое живо суштество што се движи, со кое водата изобилува, според нивните видови, и секоја крилеста птица според нејзиниот вид. И Бог виде дека е добро.
- 22
Бог ги благослови, велејќи: „Плодете се, размножувајте се и наполнете ги водите во морињата; нека се размножуваат и птиците по земјата.“
- 23
И беше вечер, и беше утро — петти ден.
- 24
Бог рече: „Нека произведе земјата живи животни според нивните видови: добиток, влекачи и земни ѕверови според нивните видови.“ И стана така.
- 25
Бог ги создаде земните ѕверови според нивните видови, добитокот според неговите видови и сѐ што ползи по земјата според неговите видови. И Бог виде дека е добро.
- 26
Бог рече: „Да го создадеме човекот според Нашиот лик, според Нашето подобие; нека владеат над морските риби, над небесните птици, над добитокот, над целата земја и над секое животно што ползи по земјата.“
- 27
И Бог го создаде човекот според Својот лик; според Божјиот лик го создаде; машко и женско ги создаде.
- 28
Бог ги благослови и им рече: „Плодете се, размножувајте се, наполнете ја земјата и завладејте ја; владејте над морските риби, над небесните птици и над секое живо суштество што се движи по земјата.“
- 29
Бог рече: „Еве, ви ја давам секоја билка што дава семе по целата земја и секое дрво што има во себе плод со семе; тие нека ви бидат за храна.
- 30
А на сите земни ѕверови, на сите небесни птици и на сѐ што ползи по земјата, во кое има живот, им ја давам секоја зелена билка за храна.“ И стана така.
- 31
Бог виде сѐ што создаде и, ете, беше мошне добро. И беше вечер, и беше утро — шести ден.