Прескокни кон главната содржина

1 Мојсеева — Битие

Глава 2

  1. 1

    Така беа довршени небото и земјата и сета нивна војска.

  2. 2

    На седмиот ден Бог го доврши Своето дело што го беше направил и на седмиот ден се одмори од сето дело што го беше направил.

  3. 3

    Бог го благослови седмиот ден и го освети, зашто во него се одмори од сето Свое дело што го создаде и направи.

  4. 4

    Ова е потеклото на небото и земјата при нивното создавање, во времето кога Господ Бог ги создаде земјата и небото.

  5. 5

    Уште немаше никаква полска билка на земјата, ниту беше никнала полска трева, зашто Господ Бог сѐ уште немаше пуштено дожд на земјата и немаше човек да ја обработува почвата.

  6. 6

    Но од земјата се креваше пареа и ја напојуваше целата површина на земјата.

  7. 7

    Господ Бог го создаде човекот од земниот прав и му вдахна во ноздрите здив на живот; и човекот стана жива душа.

  8. 8

    Господ Бог насади градина на исток, во Едем, и таму го постави човекот кого го создаде.

  9. 9

    Господ Бог направи од земјата да израсне секое дрво што е убаво за гледање и добро за храна, како и дрвото на животот среде градината и дрвото за познавање на доброто и злото.

  10. 10

    Од Едем течеше река за да ја напојува градината, а оттаму се разделуваше на четири главни реки.

  11. 11

    Името на првата река е Пишон; таа ја обиколува целата земја Хавила, каде што има злато.

  12. 12

    Златото на таа земја е добро; таму има и бделиј и ониксов камен.

  13. 13

    Името на втората река е Гихон; таа ја обиколува целата земја Куш.

  14. 14

    Името на третата река е Тигар; таа тече источно од Асирија. А четвртата река е Еуфрат.

  15. 15

    Господ Бог го зеде човекот и го насели во Едемската градина, за да ја обработува и да ја чува.

  16. 16

    Господ Бог му заповеда на човекот: „Од секое дрво во градината можеш слободно да јадеш,

  17. 17

    но од дрвото за познавање на доброто и злото не јади, зашто во денот кога ќе јадеш од него, сигурно ќе умреш.“

  18. 18

    Господ Бог рече: „Не е добро човекот да биде сам; ќе му создадам соодветен помошник.“

  19. 19

    Господ Бог ги создаде од земјата сите полски ѕверови и сите небесни птици и ги доведе кај човекот за да види како ќе ги нарече; и како и да го наречеше човекот секое живо суштество, тоа му беше името.

  20. 20

    Така човекот им даде имиња на сиот добиток, на небесните птици и на сите полски ѕверови. Но за човекот не се најде соодветен помошник.

  21. 21

    Тогаш Господ Бог пушти врз човекот длабок сон, и тој заспа; зеде едно од неговите ребра и местото го затвори со месо.

  22. 22

    Од реброто што го зеде од човекот, Господ Бог ја создаде жената и ја доведе кај човекот.

  23. 23

    А човекот рече: „Ова е коска од моите коски и месо од моето месо; таа ќе се нарече Жена, зашто е земена од Мажот.“

  24. 24

    Затоа човекот ќе ги остави својот татко и својата мајка, ќе се приврзе кон својата жена и двајцата ќе станат едно тело.

  25. 25

    И двајцата, човекот и неговата жена, беа голи и не се срамеа.