1 Мојсеева — Битие
Глава 25
- 1
Авраам зеде друга жена, по име Хетура.
- 2
Таа му ги роди Замран, Јоксан, Мадан, Мадијам, Јесвок и Сое.
- 3
Јоксан ги роди Сава и Дедан. Синовите на Дедан беа Асурим, Латусим и Лоомим.
- 4
Синовите на Мадијам беа Ефа, Офер, Енох, Авида и Елдага. Сите тие беа потомци на Хетура.
- 5
Авраам му даде сѐ што имаше на Исак.
- 6
А на синовите на своите наложници им даде подароци и, додека уште беше жив, ги испрати далеку од својот син Исак, кон исток, во источната земја.
- 7
Авраам живееше сто седумдесет и пет години.
- 8
Потоа Авраам издивна и умре во длабока старост, стар и наситен со живот, и им се придружи на своите татковци.
- 9
Неговите синови Исак и Исмаил го погребаа во пештерата Махпела, во нивата на Ефрон, синот на Хетеецот Сохар, спроти Мамре,
- 10
во нивата што Авраам ја купи од Хетејците. Таму беа погребани Авраам и неговата жена Сара.
- 11
По смртта на Авраам, Бог го благослови неговиот син Исак. Исак живееше кај Вир-Лахај-Рои.
- 12
Ова е семејното потекло на Авраамовиот син Исмаил, кого Египќанката Агар, слугинката на Сара, му го роди на Авраам.
- 13
Ова се имињата на Исмаиловите синови според нивното раѓање: првенецот Наваиот, потоа Кидар, Адвеил и Мавсам,
- 14
Масма, Дума, Маса,
- 15
Адад, Тема, Етур,
- 16
Нафис и Кедма. Тоа се Исмаиловите синови и нивните имиња според нивните населби и логори: дванаесет владетели според нивните племиња.
- 17
Исмаил живееше сто триесет и седум години. Потоа издивна, умре и им се придружи на своите татковци.
- 18
Неговите потомци живееја од Хавила до Сур, што е спроти Египет, на патот кон Асирија. Тој се насели спроти сите свои браќа.
- 19
Ова е семејното потекло на Авраамовиот син Исак. Авраам го роди Исак.
- 20
Исак имаше четириесет години кога ја зеде за жена Ревека, ќерката на Арамеецот Бетуел од Падан-Арам и сестрата на Арамеецот Лаван.
- 21
Исак Му се молеше на Господ за својата жена, зашто беше неплодна. Господ ја услиши неговата молитва, и неговата жена Ревека зачна.
- 22
Децата се бореа во неа, па таа рече: „Ако е така, зошто ми се случува ова?“ И отиде да Го праша Господ.
- 23
Господ ѝ рече: „Два народа се во твојата утроба, и два народа ќе се разделат од тебе. Едниот народ ќе биде посилен од другиот, а постариот ќе му служи на помладиот.“
- 24
Кога дојде времето да роди, во нејзината утроба имаше близнаци.
- 25
Првиот излезе црвен и целиот беше како влакнеста облека; затоа му го дадоа името Исав.
- 26
Потоа излезе неговиот брат, држејќи го Исав за петицата; затоа му го дадоа името Јаков. Исак имаше шеесет години кога тие се родија.
- 27
Момчињата пораснаа. Исав стана вешт ловец, човек на полето, а Јаков беше мирен човек и живееше во шатори.
- 28
Исак го сакаше Исав, зашто јадеше од неговиот лов, а Ревека го сакаше Јаков.
- 29
Еднаш, кога Јаков готвеше јадење, Исав се врати од полето преморен.
- 30
Исав му рече на Јаков: „Дај ми да јадам од тоа црвено јадење, зашто сум преморен.“ Затоа го нарекоа Едом.
- 31
Јаков рече: „Најнапред продај ми го своето првородство.“
- 32
Исав рече: „Еве, ќе умрам; што ќе ми користи првородството?“
- 33
Јаков рече: „Заколни ми се најнапред.“ И Исав му се заколна и му го продаде своето првородство на Јаков.
- 34
Тогаш Јаков му даде на Исав леб и јадење од леќа. Тој јадеше и пиеше, стана и си замина. Така Исав го презре своето првородство.