1 Мојсеева — Битие
Глава 29
- 1
Јаков продолжи по својот пат и стигна во земјата на источните народи.
- 2
Погледна и виде кладенец во полето. Крај него лежеа три стада овци, зашто од тој кладенец ги напојуваа стадата. Каменот врз отворот на кладенецот беше голем.
- 3
Кога сите стада ќе се собереа таму, пастирите го оттргнуваа каменот од отворот на кладенецот, ги напојуваа овците, а потоа го враќаа каменот на неговото место.
- 4
Јаков ги праша: „Браќа, од каде сте?“ Тие одговорија: „Од Харан сме.“
- 5
Тој ги праша: „Го познавате ли Лаван, синот на Нахор?“ Тие одговорија: „Го познаваме.“
- 6
Јаков праша: „Добро ли е со него?“ Тие рекоа: „Добро е. Еве, неговата ќерка Рахила доаѓа со овците.“
- 7
Тој рече: „Ете, денот е уште долг; не е време да се собира добитокот. Напојте ги овците и одете пак да пасат.“
- 8
Но тие рекоа: „Не можеме додека не се соберат сите стада и не го оттргнат каменот од отворот на кладенецот; тогаш ќе ги напоиме овците.“
- 9
Додека уште зборуваше со нив, дојде Рахила со овците на својот татко, зашто таа беше овчарка.
- 10
Кога Јаков ја виде Рахила, ќерката на својот вујко Лаван, и овците на својот вујко Лаван, се приближи, го оттргна каменот од отворот на кладенецот и ги напои овците на Лаван.
- 11
Потоа Јаков ја бакна Рахила, го крена гласот и заплака.
- 12
Јаков ѝ кажа на Рахила дека е роднина на нејзиниот татко и син на Ревека. Таа истрча и му кажа на својот татко.
- 13
Кога Лаван ја чу веста за Јаков, синот на својата сестра, истрча да го пречека, го прегрна и го бакна, па го доведе во својот дом. Јаков му раскажа сѐ што се случи.
- 14
Лаван му рече: „Навистина ти си моја коска и мое месо.“ И Јаков остана кај него еден месец.
- 15
Потоа Лаван му рече на Јаков: „Зар затоа што си ми роднина треба да ми служиш бесплатно? Кажи ми колкава плата сакаш.“
- 16
Лаван имаше две ќерки: постарата се викаше Лија, а помладата Рахила.
- 17
Очите на Лија беа нежни, а Рахила беше убава по лик и по изглед.
- 18
Јаков ја сакаше Рахила и рече: „Ќе ти служам седум години за твојата помлада ќерка Рахила.“
- 19
Лаван рече: „Подобро е да ти ја дадам тебе отколку на друг човек. Остани кај мене.“
- 20
Така Јаков служеше седум години за Рахила, а тие му изгледаа како неколку дена поради љубовта што ја имаше кон неа.
- 21
Потоа Јаков му рече на Лаван: „Дај ми ја мојата жена, зашто ми истече времето на службата, за да влезам кај неа.“
- 22
Лаван ги собра сите луѓе од тоа место и приреди гозба.
- 23
Но навечер ја зеде својата ќерка Лија и му ја доведе на Јаков, и тој легна со неа.
- 24
Лаван ѝ ја даде на својата ќерка Лија својата слугинка Зелфа за слугинка.
- 25
Наутро, ете, тоа беше Лија! Тогаш Јаков му рече на Лаван: „Што ми направи? Зар не ти служев за Рахила? Зошто ме измами?“
- 26
Лаван одговори: „Во нашето место не се прави така - помладата да се омажи пред постарата.
- 27
Заврши ја свадбената седмица со оваа, па ќе ти ја дадеме и другата за уште седум години служба кај мене.“
- 28
Јаков направи така и ја заврши свадбената седмица со Лија. Потоа Лаван му ја даде за жена и својата ќерка Рахила.
- 29
Лаван ѝ ја даде на својата ќерка Рахила својата слугинка Вала за слугинка.
- 30
Јаков легна и со Рахила, и ја сакаше Рахила повеќе од Лија. Потоа му служеше на Лаван уште седум години.
- 31
Кога Господ виде дека Лија не е сакана, ѝ ја отвори утробата; а Рахила беше неплодна.
- 32
Лија зачна и роди син, па му го даде името Рувим, зашто рече: „Господ ја виде мојата неволја; сега мојот маж ќе ме сака.“
- 33
Повторно зачна и роди син, па рече: „Господ чу дека не сум сакана, па ми го даде и овој.“ Затоа му го даде името Симеон.
- 34
Пак зачна и роди син, па рече: „Сега мојот маж ќе се приврзе кон мене, зашто му родив три сина.“ Затоа му го даде името Леви.
- 35
Повторно зачна и роди син, па рече: „Овојпат ќе Го славам Господ.“ Затоа му го даде името Јуда. Потоа престана да раѓа.