Прескокни кон главната содржина

1 Мојсеева — Битие

Глава 7

  1. 1

    Тогаш Господ му рече на Ное: „Влези ти и целото твое семејство во ковчегот, зашто видов дека си праведен пред Мене во ова поколение.

  2. 2

    Од сите чисти животни земи си по седум пара, машко и женско, а од нечистите животни по еден пар, машко и женско.

  3. 3

    И од небесните птици земи по седум пара, машко и женско, за да им се зачува потомството по целата земја.

  4. 4

    Зашто уште седум дена, и Јас ќе пуштам дожд на земјата четириесет дена и четириесет ноќи, и ќе го избришам од лицето на земјата секое живо суштество што го создадов.“

  5. 5

    Ное направи сѐ како што му заповеда Господ.

  6. 6

    Ное имаше шестотини години кога дојде потопот со водите на земјата.

  7. 7

    Поради водите на потопот, Ное, неговите синови, неговата жена и жените на неговите синови влегоа во ковчегот.

  8. 8

    Од чистите животни, од нечистите животни, од птиците и од сѐ што ползи по земјата,

  9. 9

    по две влегуваа кај Ное во ковчегот, машко и женско, како што Бог му заповеда на Ное.

  10. 10

    По седум дена водите на потопот ја преплавија земјата.

  11. 11

    Кога Ное имаше шестотини години, во вториот месец, на седумнаесеттиот ден од месецот, токму тој ден се отворија сите извори на големата бездна и небесните отвори.

  12. 12

    Дождот врнеше на земјата четириесет дена и четириесет ноќи.

  13. 13

    Токму тој ден во ковчегот влегоа Ное и неговите синови Сим, Хам и Јафет, Ноевата жена и трите жени на неговите синови со нив,

  14. 14

    тие и сите животни според нивниот вид, сиот добиток според неговиот вид, сите влекачи што ползат по земјата според нивниот вид и сите птици според нивниот вид, секоја крилеста птица.

  15. 15

    По две од секое суштество што има во себе животен здив влегоа кај Ное во ковчегот.

  16. 16

    Оние што влегоа, машко и женско од секое суштество, влегоа како што Бог му беше заповедал; а Господ го затвори внатре.

  17. 17

    Потопот траеше на земјата четириесет дена; водите надојдоа, го подигнаа ковчегот и тој се издигна над земјата.

  18. 18

    Водите се засилуваа и многу надоаѓаа на земјата, а ковчегот пловеше по површината на водите.

  19. 19

    Водите се засилија многу на земјата, така што ги покрија сите високи планини што беа под целото небо.

  20. 20

    Водите се издигнаа петнаесет лакти над нив, и планините беа покриени.

  21. 21

    И умре секое суштество што се движеше по земјата: птиците, добитокот, ѕверовите, сите животни што ползат по земјата и секој човек.

  22. 22

    Умре сѐ што беше на суво и имаше во ноздрите здив на живот.

  23. 23

    Така беше истребено сѐ што живееше на лицето на земјата: луѓето, добитокот, животните и небесните птици; беа истребени од земјата. Останаа само Ное и оние што беа со него во ковчегот.

  24. 24

    А водите стоеја над земјата сто и педесет дена.