Прескокни кон главната содржина

Евреите

Глава 11

  1. 1

    А верата е увереност во она на кое се надеваме и доказ за она што не го гледаме.

  2. 2

    Преку неа старите добија добро сведоштво.

  3. 3

    Преку вера разбираме дека световите се создадени со Божјиот збор, така што видливото не настана од нешто видливо.

  4. 4

    Преку вера Авел Му принесе на Бог подобра жртва од Каин. Преку неа доби сведоштво дека е праведен, бидејќи Бог посведочи за неговите дарови; и преку неа, иако е мртов, сѐ уште зборува.

  5. 5

    Преку вера Енох беше преселен за да не види смрт, и не беше најден, зашто Бог го пресели. Пред да биде преселен, доби сведоштво дека Му угодил на Бог.

  6. 6

    А без вера е невозможно да Му се угоди на Бог, зашто оној што Му пристапува треба да верува дека Тој постои и дека ги наградува оние што Го бараат.

  7. 7

    Преку вера Ное, откако беше предупреден за она што сѐ уште не се гледаше, со стравопочит изгради ковчег за спасение на својот дом. Со својата вера го осуди светот и стана наследник на праведноста што доаѓа преку вера..

  8. 8

    Преку вера Авраам, кога беше повикан, послуша и тргна кон местото што требаше да го прими како наследство. Тргна, иако не знаеше каде оди.

  9. 9

    Преку вера се насели во ветената земја како во туѓа, живеејќи во шатори со Исак и Јаков, сонаследници на истото ветување.

  10. 10

    Зашто го очекуваше градот што има темели, чиј градител и творец е Бог.

  11. 11

    Преку вера и самата Сара, иако беше неплодна и веќе во одминати години, доби сила да зачне, бидејќи Го сметаше за верен Оној Кој ветил.

  12. 12

    Затоа од еден човек, и тоа речиси мртов, се родија потомци бројни како небесните ѕвезди и безбројни како песокот покрај морскиот брег.

  13. 13

    Сите тие умреа во вера, без да ги примат ветувањата, туку само ги видоа и ги поздравија оддалеку, признавајќи дека се туѓинци и привремени жители на земјата.

  14. 14

    Оние што зборуваат така јасно покажуваат дека бараат татковина.

  15. 15

    Ако мислеа на онаа од која излегоа, ќе имаа можност да се вратат.

  16. 16

    Но тие копнееја по подобра, односно небесна татковина. Затоа Бог не се срами да се нарекува нивен Бог, зашто им подготви град.

  17. 17

    Преку вера Авраам, кога беше испитуван, го принесе Исак. Оној што ги прими ветувањата беше подготвен да го принесе својот единствен син,

  18. 18

    за кого му беше речено: „Преку Исак ќе ти се нарече потомството.“

  19. 19

    Тој сметаше дека Бог може и од мртвите да воскреснува; затоа, сликовито кажано, повторно го прими Исак.

  20. 20

    Преку вера Исак ги благослови Јаков и Исав во врска со идните работи.

  21. 21

    Преку вера Јаков, кога умираше, го благослови секој од синовите на Јосиф и Му се поклони на Бог, потпирајќи се на врвот од својот жезол.

  22. 22

    Преку вера Јосиф, на крајот од животот, го спомна излегувањето на Израелевите синови и даде заповед за своите коски.

  23. 23

    Преку вера, откако Мојсеј се роди, неговите родители го криеја три месеци, бидејќи видоа дека детето е убаво и не се уплашија од царската заповед.

  24. 24

    Преку вера Мојсеј, кога порасна, одби да се нарекува син на фараоновата ќерка.

  25. 25

    Повеќе избра да страда со Божјиот народ отколку привремено да ужива во гревот.

  26. 26

    Христовиот срам го сметаше за поголемо богатство од египетските богатства, зашто гледаше кон наградата.

  27. 27

    Преку вера го напушти Египет, не плашејќи се од царскиот гнев, зашто остана цврст како да Го гледа Невидливиот.

  28. 28

    Преку вера ја одржа Пасхата и го изврши попрскувањето со крв, за погубителот на првородените да не ги допре.

  29. 29

    Преку вера го преминаа Црвеното Море како по суво; а кога Египќаните се обидоа да го направат истото, се удавија.

  30. 30

    Преку вера паднаа ѕидините на Ерихон, откако народот ги обиколуваше седум дена.

  31. 31

    Преку вера блудницата Раав не загина со непослушните, бидејќи мирно ги прими извидувачите.

  32. 32

    И што уште да кажам? Не би ми стигнало времето да раскажувам за Гедеон, Варак, Самсон, Јефтај, Давид, Самоил и пророците,

  33. 33

    кои преку вера победија царства, вршеа правда, примија ветувања, затвораа лавовски усти,

  34. 34

    ја гаснеа силата на огнот, ја избегнуваа острицата на мечот, од немоќ стануваа силни, беа моќни во војна и разбиваа туѓи војски.

  35. 35

    Жени повторно ги примија своите мртви преку воскресение. Други беа мачени и не прифатија ослободување, за да добијат подобро воскресение.

  36. 36

    Други поднесоа потсмевање и камшикување, па и окови и затвор.

  37. 37

    Беа каменувани, пресечени со пила, ⟦искушувани⟧ и погубувани со меч. Одеа облечени во овчи и козји кожи, во сиромаштија, неволји и маки.

  38. 38

    Светот не беше достоен за нив. Скитаа по пустини и планини, по пештери и јами во земјата.

  39. 39

    И сите тие, иако добија добро сведоштво преку верата, не го примија ветеното,

  40. 40

    зашто Бог предвиде нешто подобро за нас, за да не бидат тие без нас усовршени.