Исаија
Глава 10
- 1
Тешко на оние што донесуваат неправедни закони и на оние што пишуваат угнетувачки одредби,
- 2
за да им ја одземат правдата на сиромашните и да им го скратат правото на бедните од Мојот народ, за вдовиците да им станат плен, а сираците да ги ограбуваат!
- 3
Што ќе правите во денот на казната, кога пропаста ќе дојде оддалеку? Кон кого ќе побегнете за помош и каде ќе го оставите своето богатство?
- 4
Ништо нема да ви остане освен да клекнете меѓу заробениците или да паднете меѓу убиените. И покрај сето тоа Неговиот гнев не се одврати и Неговата рака сѐ уште е испружена.
- 5
„Тешко на Асирија, прачката на Мојот гнев! Стапот во нејзината рака е оружје на Мојата лутина.
- 6
Ја испраќам против безбожен народ и ѝ заповедам да тргне против народот на Мојот гнев — да граба плен, да одзема богатство и да го гази како кал по улиците.
- 7
Но таа не мисли така и нејзиното срце нема таква намера; во нејзиното срце е да уништува и да истребува многу народи.
- 8
Зашто вели: ‚Зар сите мои војсководци не се цареви?
- 9
Зар Кално не е како Кархемиш? Зар Хамат не е како Арпад? Зар Самарија не е како Дамаск?
- 10
Како што мојата рака ги достигна царствата на идолите, чии ликови беа побројни од оние во Ерусалим и Самарија,
- 11
зар нема да му направам на Ерусалим и на неговите идоли исто како што ѝ направив на Самарија и на нејзините идоли?‘“
- 12
Но кога Господ ќе го заврши целото Свое дело на гората Сион и во Ерусалим, ќе ја казни гордоста на срцето на асирскиот цар и надменоста во неговите очи.
- 13
Зашто тој вели: „Со силата на својата рака го направив ова и со својата мудрост, зашто сум разумен. Ги поместив границите на народите, ги ограбив нивните богатства и како силен ги соборив оние што седеа на престоли.
- 14
Мојата рака го најде богатството на народите како гнездо; како што се собираат напуштени јајца, така ја собрав целата земја. Никој не замавна со крило, не ја отвори устата ниту писна.“
- 15
Зар се фали секирата пред оној што сече со неа? Зар пилата се возвишува над оној што ја движи? Тоа би било како стапот да го движи оној што го крева или прачката да го крева човекот што ја држи!
- 16
Затоа Господ над војските ќе испрати слабост меѓу неговите силни луѓе, а под неговата слава ќе запали оган што ќе гори како пламен.
- 17
Светлината на Израел ќе стане оган, а неговиот Светец — пламен; во еден ден ќе ги изгори и проголта неговите трње и бодликави грмушки.
- 18
Ќе ја уништи славата на неговата шума и плодната земја, и душа и тело; ќе биде како болен човек што се истоштува.
- 19
Од дрвјата во неговата шума ќе останат толку малку што и дете ќе може да ги запише.
- 20
Во тој ден остатокот од Израел и преживеаните од домот Јаковов веќе нема да се потпираат на оној што ги удира, туку искрено ќе се потпираат на Господ, Светиот на Израел.
- 21
Остаток ќе се врати — остатокот Јаковов — кон Моќниот Бог.
- 22
Иако твојот народ, Израеле, е како морскиот песок, само остаток од него ќе се врати. Определено е уништување што ќе ја покаже праведноста.
- 23
Зашто определеното уништување Господ над војските ќе го изврши среде целата земја.
- 24
Затоа вака вели Господ над војските: „Народе Мој, кој живееш во Сион, не плаши се од Асирија кога ќе те удира со прачка и ќе го крева стапот над тебе како Египет.
- 25
Зашто уште сосема малку и Мојата лутина ќе заврши, а Мојот гнев ќе биде насочен кон нивното уништување.“
- 26
Господ над војските ќе крене камшик против неа како кога го порази Мидијан кај карпата Орев; ќе го крене Својот стап над морето како што направи во Египет.
- 27
Во тој ден неговиот товар ќе биде тргнат од твоето рамо и неговиот јарем од твојот врат; јаремот ќе биде скршен поради изобилството.
- 28
Тој доаѓа во Ајат, минува низ Мигрон и во Михмаш ја остава својата опрема.
- 29
Го минуваат преминот и велат: „Во Гева ќе преноќиме.“ Рама трепери, а Гиват-Шаул бега.
- 30
Викај силно, ќерко Галимска! Слушај, Лаиша! Одговори, Анатот!
- 31
Мадмена бега; жителите на Гевим бараат засолниште.
- 32
Уште денес ќе застане во Ноб и ќе замавне со раката кон гората на ќерката Сионска, кон ридот на Ерусалим.
- 33
Ете, Господ над војските со страшна сила ќе ги отсече гранките; високите дрвја ќе бидат пресечени, а возвишените ќе бидат понижени.
- 34
Со железо ќе ги исече густите шуми, а Ливан ќе падне пред Моќниот.