Исаија
Глава 19
Пророштво за Египет: Ете, Господ јава на брз облак и доаѓа во Египет. Египетските идоли ќе затреперат пред Него, а срцето на Египет ќе се стопи во него. (Исаија 19:1)
„Ќе ги кренам Египќаните едни против други; брат ќе се бори против брат, човек против својот ближен, град против град и царство против царство. (Исаија 19:2)
Духот на Египет ќе се обесхрабри во него, а Јас ќе го поматам неговиот совет. Тогаш ќе ги бараат идолите, бајачите, повикувачите на духови и гатачите. (Исаија 19:3)
Ќе го предадам Египет во рацете на суров владетел и жесток цар ќе владее над нив“, вели Господ над војските. (Исаија 19:4)
Водите на морето ќе пресушат, а Нил ќе се исуши и ќе остане без вода. (Исаија 19:5)
Речните канали ќе засмрдат, водите на египетските канали ќе опаднат и ќе пресушат; трската и рогозот ќе овенат. (Исаија 19:6)
Растенијата покрај Нил, крај неговите брегови и сѐ што е посеано покрај Нил ќе се исуши, ќе биде разнесено и ќе исчезне. (Исаија 19:7)
Рибарите ќе тагуваат; ќе жалат сите што фрлаат јадици во Нил, а оние што распнуваат мрежи по водата ќе изнемоштат. (Исаија 19:8)
Ќе се засрамат оние што обработуваат исчешлан лен и оние што ткаат бело платно. (Исаија 19:9)
Неговите темели ќе бидат скршени и сите што работат за плата ќе бидат ожалостени. (Исаија 19:10)
Навистина, водачите на Цоан се безумни! Советите на најмудрите советници на фараонот станаа бесмислени. Како можете да му велите на фараонот: „Јас сум син на мудрите, потомок на древните цареви“? (Исаија 19:11)
Каде се сега твоите мудреци? Нека ти кажат и нека дознаат што определил Господ над војските за Египет. (Исаија 19:12)
Водачите на Цоан станаа безумни, водачите на Ноф се измамени; оние што требаше да бидат темел на неговите племиња го заведоа Египет. (Исаија 19:13)
Господ излеа меѓу нив дух на заблуда, и тие го наведоа Египет да талка во сите свои дела како пијан човек што се тетерави во својата повраќаница. (Исаија 19:14)
Во Египет нема да има никакво дело што ќе можат да го направат ни главата ни опашката, ни палмовата гранка ни трската. (Исаија 19:15)
Во тој ден Египќаните ќе бидат како уплашени жени; ќе треперат и ќе се плашат пред замавот на раката на Господ над војските, која Тој ја крева над нив. (Исаија 19:16)
Земјата Јудина ќе стане ужас за Египет; секој што ќе ја спомне ќе предизвика страв поради намерата што Господ над војските ја определил против него. (Исаија 19:17)
Во тој ден во египетската земја ќе има пет града што ќе зборуваат на јазикот на Канаан и ќе се заколнуваат во Господ над војските. Еден од нив ќе се нарекува Град на уништувањето. (Исаија 19:18)
Во тој ден ќе има жртвеник за Господ среде египетската земја и столб за Господ покрај нејзината граница. (Исаија 19:19)
Тоа ќе биде знак и сведоштво за Господ над војските во египетската земја. Кога ќе повикаат кон Господ поради своите угнетувачи, Тој ќе им испрати спасител и заштитник, и ќе ги избави. (Исаија 19:20)
Господ ќе им се открие на Египќаните и Египќаните ќе Го познаат Господ во тој ден. Ќе Му служат со жртви и приноси, ќе Му даваат завети на Господ и ќе ги исполнуваат. (Исаија 19:21)
Господ ќе го удри Египет – ќе го удри, но и ќе го исцели. Тие ќе се вратат кон Господ, Тој ќе ги чуе нивните молитви и ќе ги исцели. (Исаија 19:22)
Во тој ден ќе има пат од Египет до Асирија. Асирците ќе одат во Египет, а Египќаните во Асирија, и Египќаните заедно со Асирците ќе Му служат на Бог. (Исаија 19:23)
Во тој ден Израел ќе биде трет со Египет и Асирија – благослов среде земјата. (Исаија 19:24)
Господ над војските ќе ги благослови и ќе рече: „Благословен да е Египет, Мојот народ, Асирија, дело на Моите раце, и Израел, Моето наследство.“ (Исаија 19:25)