Исаија
Глава 2
- 1
Зборот што Исаија, синот на Амоц, го виде за Јуда и Ерусалим.
- 2
Во последните денови планината на Господовиот дом ќе биде утврдена над сите планини и ќе се издигне над ридовите; кон неа ќе се слеваат сите народи.
- 3
Многу народи ќе дојдат и ќе речат: „Дојдете, да се искачиме на Господовата планина, во домот на Бог Јаковов. Тој ќе нѐ поучи на Своите патишта и ние ќе одиме по Неговите патеки.“ Зашто од Сион ќе излезе Законот и Господовиот збор од Ерусалим.
- 4
Тој ќе суди меѓу народите и ќе решава спорови меѓу многу племиња. Тие ќе ги прековаат своите мечеви во плугови и копјата во српови. Народ против народ веќе нема да крева меч, ниту веќе ќе се учат да војуваат.
- 5
Доме Јаковов, дојдете да одиме во Господовата светлина!
- 6
Зашто Ти го остави Својот народ, домот Јаковов, бидејќи се исполнија со влијанија од Истокот, гатаат како Филистејците и се здружуваат со туѓинци.
- 7
Нивната земја е полна со сребро и злато и нема крај на нивните богатства; нивната земја е полна со коњи и нема крај на нивните коли.
- 8
Нивната земја е полна со идоли; се поклонуваат пред делото на своите раце, пред она што го направија нивните прсти.
- 9
Луѓето се поклонуваат и се понижуваат пред нив. Не простувај им!
- 10
Влези во карпите и скриј се во правта пред стравот од Господ и пред величието на Неговата слава.
- 11
Горделивиот човечки поглед ќе биде понижен и човечката надменост ќе биде соборена; само Господ ќе биде возвишен во тој ден.
- 12
Зашто доаѓа денот на Господ над војските против секој горделив и надмен, против секој што се возвишува — и ќе биде понижен;
- 13
против сите високи и возвишени ливански кедри и против сите башански дабови;
- 14
против сите високи планини и против сите возвишени ридови;
- 15
против секоја висока кула и против секој утврден ѕид;
- 16
против сите таршишки бродови и против сите величествени пловила.
- 17
Човечката гордост ќе биде понижена и човечката надменост ќе биде соборена; само Господ ќе биде возвишен во тој ден.
- 18
А идолите целосно ќе исчезнат.
- 19
Луѓето ќе влегуваат во пештерите на карпите и во дупките на земјата, криејќи се пред стравот од Господ и пред величието на Неговата слава, кога Тој ќе стане да ја потресе земјата.
- 20
Во тој ден човекот ќе им ги фрли на кртовите и лилјаците своите сребрени и златни идоли што си ги направил за да им се поклонува.
- 21
Ќе влегува во пукнатините на карпите и во процепите на стрмните карпи, криејќи се пред стравот од Господ и пред величието на Неговата слава, кога Тој ќе стане да ја потресе земјата.
- 22
Престанете да се потпирате на човекот, чиј здив е во неговите ноздри. Колку навистина вреди тој?