Исаија
Глава 1
Видението на Исаија, синот на Амоц, што го виде за Јуда и Ерусалим во деновите на Узија, Јотам, Ахаз и Езекија, цареви на Јуда. (Исаија 1:1)
Слушајте, небеса, и чуј, земјо, зашто Господ зборува: „Синови одгледав и издигнав, а тие се побунија против Мене. (Исаија 1:2)
Волот го познава својот господар и магарето јаслите на својот сопственик, а Израел не Ме познава, Мојот народ не разбира.“ (Исаија 1:3)
Тешко на грешниот народ, народ натоварен со беззаконие, потомство на злосторници, синови што постапуваат расипано! Го оставија Господ, Го презреа Светиот на Израел и Му го свртеа грбот. (Исаија 1:4)
Каде уште да бидете удирани кога и понатаму се бунтувате? Целата глава е болна и целото срце изнемоштено. (Исаија 1:5)
Од стапалото до главата нема здраво место: само рани, модринки и отворени повреди – неисчистени, непреврзани и неомекнати со масло. (Исаија 1:6)
Вашата земја е опустошена, вашите градови се изгорени со оган; туѓинци ја јадат вашата земја пред вашите очи и таа е опустошена како земја разурната од туѓинци. (Исаија 1:7)
Сионовата ќерка остана како колиба во лозје, како засолниште во поле со краставици, како опколен град. (Исаија 1:8)
Ако Господ над војските не ни оставеше мал остаток, ќе станевме како Содом и ќе бевме како Гомор. (Исаија 1:9)
Слушнете го Господовиот збор, владетели содомски! Чујте ја поуката на нашиот Бог, народе гоморски! (Исаија 1:10)
„Што ќе Ми се вашите многубројни жртви?“ – вели Господ. „Наситен сум од паленици од овни и од маснотијата на згоени животни; не наоѓам задоволство во крвта на бикови, јагниња и јарци. (Исаија 1:11)
Кога доаѓате да се покажете пред Моето лице, кој го бара тоа од вас – да ги газите Моите дворови? (Исаија 1:12)
Не принесувајте веќе бескорисни приноси! Темјанот Ми е одвратен. Новомесечија, саботи и свикување собранија – не можам да поднесам беззаконие заедно со свечено собрание. (Исаија 1:13)
Вашите новомесечија и празници ги мрази Мојата душа; Ми станаа товар и се изморив да ги поднесувам. (Исаија 1:14)
Кога ги ширите своите раце, ќе ги скријам Своите очи од вас. И колку и да ги умножувате молитвите, нема да слушам – вашите раце се полни со крв. (Исаија 1:15)
Измијте се, очистете се! Отстранете ги своите зли дела од пред Моите очи. Престанете да правите зло! (Исаија 1:16)
Научете се да правите добро; барајте правда, укорувајте го угнетувачот, бранете го сиракот и застапувајте се за вдовицата. (Исаија 1:17)
„Дојдете сега да се разбереме – вели Господ. И гревовите ваши да се црвени како скерлет, ќе станат бели како снег; и да се темноцрвени, ќе станат како волна. (Исаија 1:18)
Ако сакате да послушате, ќе јадете од добрините на земјата. (Исаија 1:19)
Но ако одбиете и се побуните, мечот ќе ве проголта.“ Зашто Господовата уста го изговори тоа. (Исаија 1:20)
Како верниот град стана блудница! Некогаш беше полн со правда и праведноста живееше во него, а сега – убијци. (Исаија 1:21)
Твоето сребро стана згура, а твоето вино е разредено со вода. (Исаија 1:22)
Твоите водачи се бунтовници и другари на крадци. Сите сакаат поткуп и трчаат по подароци. На сиракот не му донесуваат правда, а молбата на вдовицата не стигнува до нив. (Исаија 1:23)
Затоа Господ над војските, Моќниот на Израел, вели: „Ќе се пресметам со Моите противници и ќе им возвратам на Моите непријатели. (Исаија 1:24)
Ќе ја свртам Својата рака против тебе, темелно ќе ја пречистам твојата згура и ќе ги отстранам сите твои нечистотии. (Исаија 1:25)
Ќе ти дадам судии како некогаш и советници како во почетокот. Потоа ќе те нарекуваат Град на праведноста, Верен град.“ (Исаија 1:26)
Сион ќе биде откупен со правда, а оние што ќе се вратат во него – со праведност. (Исаија 1:27)
Но бунтовниците и грешниците заедно ќе бидат скршени, а оние што Го оставаат Господ ќе исчезнат. (Исаија 1:28)
Ќе се засрамите поради големите дрвја што ги посакувавте и ќе се посрамите поради градините што ги избравте. (Исаија 1:29)
Ќе станете како дрвјата со овенати лисја и како градина без вода. (Исаија 1:30)
Силниот ќе стане како суво ленено влакно, а неговото дело како искра; и двајцата ќе изгорат заедно, и никој нема да ги изгасне. (Исаија 1:31)