Прескокни кон главната содржина

Песна над песните

Глава 8

  1. 1

    О, да ми беше како брат што цицал од градите на мојата мајка! Кога би те сретнала надвор, би те бакнала и никој не би ме презрел.

  2. 2

    Би те повела и би те одвела во домот на мојата мајка, каде што би ме поучувал. Би ти дала да пиеш зачинето вино и сок од моите калинки.

  3. 3

    Неговата лева рака е под мојата глава, а со десната ме прегрнува.

  4. 4

    Ве заколнувам, ќерки ерусалимски: не будете ја и не разгорувајте ја љубовта додека самата не посака.

  5. 5

    Која е оваа што се искачува од пустината, потпрена на својот возљубен? Под јаболкницата те разбудив; таму мајка ти беше во породилни маки со тебе, таму те роди онаа што те донесе на свет.

  6. 6

    Стави ме како печат на своето срце, како печат на својата рака, зашто љубовта е силна како смртта, а љубомората неумолива како Шеол. Нејзините пламени се огнени пламени — Господов пламен.

  7. 7

    Ни многу води не можат да ја изгаснат љубовта, ниту реките можат да ја потопат. Ако некој го даде сето богатство на својот дом за љубов, би бил целосно презрен.

  8. 8

    Имаме мала сестра, а сѐ уште нема гради. Што ќе направиме за нашата сестра во денот кога ќе се зборува за неа?

  9. 9

    Ако е ѕид, ќе изградиме врз неа сребрена кула; ако е врата, ќе ја оградиме со кедрови штици.

  10. 10

    Јас сум ѕид, а моите гради се како кули. Затоа во неговите очи станав како онаа што нашла мир.

  11. 11

    Соломон имаше лозје во Баал-Хамон. Лозјето им го предаде на чувари, а секој требаше за неговиот плод да донесе илјада сребреници.

  12. 12

    Моето лозје е пред мене. Илјадата нека бидат за тебе, Соломоне, а двесте за оние што го чуваат неговиот плод.

  13. 13

    Ти што живееш во градините, другарите го слушаат твојот глас; дај и јас да го слушнам!

  14. 14

    Побрзај, возљубен мој, и биди како газела или како млад елен по планините со мириси.