Прескокни кон главната содржина

Исаија

Глава 24

  1. 1

    Ете, Господ ја празни земјата и ја опустошува; го изобличува нејзиното лице и ги расејува нејзините жители.

  2. 2

    Исто ќе му биде на народот како на свештеникот, на слугата како на неговиот господар, на слугинката како на нејзината господарка, на купувачот како на продавачот, на заемодавачот како на заемопримачот, на доверителот како на должникот.

  3. 3

    Земјата целосно ќе биде опустошена и ограбена, зашто Господ го изговори овој збор.

  4. 4

    Земјата тагува и овенува; светот изнемоштува и венее; возвишените меѓу земните народи изнемоштуваат.

  5. 5

    Земјата е осквернета од своите жители, зашто ги прекршија законите, ја погазија заповедта и го нарушија вечниот завет.

  6. 6

    Затоа проклетството ја проголтува земјата, а нејзините жители ја носат својата вина. Затоа жителите на земјата исчезнуваат и остануваат само малку луѓе.

  7. 7

    Новото вино тагува, лозата овенува и воздивнуваат сите што имаа весело срце.

  8. 8

    Замолкна радоста на дајрињата, престана вревата на оние што се веселат и стивна радоста на харфата.

  9. 9

    Повеќе не пијат вино со песна; жестокиот пијалак им станува горчлив на оние што го пијат.

  10. 10

    Градот на пустошот е разурнат; секој дом е затворен и никој не може да влезе.

  11. 11

    По улиците се слуша плач поради виното; сета радост згасна и веселбата исчезна од земјата.

  12. 12

    Во градот остана само пустош, а портата е скршена во урнатини.

  13. 13

    Зашто така ќе биде среде земјата, меѓу народите: како кога се тресат маслинките од дрвото и како кога се собираат последните зрна по завршената берба.

  14. 14

    Оние што ќе останат ќе го кренат својот глас и радосно ќе пеат; од запад ќе извикуваат поради Господовото величие.

  15. 15

    Затоа прославете Го Господ на исток, и името на Господ, Бог на Израел, по морските острови.

  16. 16

    Од краевите на земјата слушаме песни: „Слава на Праведниот!“ Но јас велам: „Изнемоштувам, изнемоштувам! Тешко мене!“ Предавниците предаваат; со големо предавство постапуваат предавниците.

  17. 17

    Страв, јама и стапица те очекуваат, жителу на земјата!

  18. 18

    Кој ќе побегне од гласот на стравот, ќе падне во јамата; кој ќе излезе од јамата, ќе се фати во стапица. Зашто небесните отвори се отворија и темелите на земјата се стресоа.

  19. 19

    Земјата целосно се крши, земјата се распаѓа, земјата силно се тресе.

  20. 20

    Земјата се тетерави како пијан човек и се ниша како колиба. Нејзиниот престап тешко лежи врз неа; таа ќе падне и повеќе нема да стане.

  21. 21

    Во тој ден Господ ќе ја казни небесната војска на височините и земните цареви на земјата.

  22. 22

    Ќе бидат собрани како затвореници во јама, ќе бидат затворени во темница, а по многу денови ќе бидат казнети.

  23. 23

    Месечината ќе се засрами и сонцето ќе се посрами, зашто Господ над војските ќе царува на гората Сион и во Ерусалим, и Неговата слава ќе биде пред Неговите старешини.