Прескокни кон главната содржина

Исаија

Глава 35

  1. 1

    Пустината и сувата земја ќе се радуваат; пустелијата ќе се весели и ќе расцути како цвет.

  2. 2

    Богато ќе расцути и ќе се радува со веселба и песна. Ќе ѝ биде дадена славата на Ливан, убавината на Кармил и Шарон. Тие ќе ја видат Господовата слава и величието на нашиот Бог.

  3. 3

    Зајакнете ги ослабените раце и зацврстете ги разнишаните колена!

  4. 4

    Кажете им на исплашените во срцето: „Бидете силни, не плашете се! Ете, вашиот Бог доаѓа со одмазда; доаѓа Божјата отплата. Тој ќе дојде и ќе ве спаси.“

  5. 5

    Тогаш ќе се отворат очите на слепите и ушите на глувите ќе се отворат.

  6. 6

    Тогаш куциот ќе скока како елен, а јазикот на немиот радосно ќе пее. Зашто во пустината ќе избликнат води и потоци во пустелијата.

  7. 7

    Исушената земја ќе стане езеро, а жедната почва — извори на вода. Таму каде што живееја чакалите ќе израснат трска и рогоз.

  8. 8

    Таму ќе има пат и друм, кој ќе се нарекува Пат на светоста. Нечист човек нема да оди по него; тој ќе биде за оние што одат по тој пат, и ни безумните нема да скршнат од него.

  9. 9

    Таму нема да има лав, ниту ќе се појави крволочен ѕвер; таков нема да се најде таму. По него ќе одат откупените.

  10. 10

    Избавените од Господ ќе се вратат и со радосна песна ќе дојдат во Сион. Вечна радост ќе биде над нивните глави; веселба и радост ќе ги исполнат, а жалоста и воздивнувањето ќе исчезнат.