Прескокни кон главната содржина

Исаија

Глава 39

  1. Во тоа време Меродах-Баладан, синот на Баладан, царот на Вавилон, му испрати писма и подарок на Езекија, зашто чу дека бил болен и оздравел.

  2. Езекија им се израдува и им ја покажа својата ризница – среброто, златото, мирисите, скапоценото масло, целата оружарница и сѐ што се наоѓаше во неговите богатства. Немаше ништо во неговиот дом ниту во целото негово царство што Езекија не им го покажа.

  3. Тогаш пророкот Исаија дојде кај царот Езекија и го праша: „Што рекоа овие луѓе и од каде дојдоа кај тебе?“ Езекија одговори: „Дојдоа кај мене од далечна земја – од Вавилон.“

  4. Исаија праша: „Што видоа во твојот дом?“ Езекија одговори: „Видоа сѐ што има во мојот дом. Нема ништо во моите богатства што не им го покажав.“

  5. Тогаш Исаија му рече на Езекија: „Слушни го зборот на Господ над војските:

  6. ‚Ете, доаѓаат денови кога сѐ што е во твојот дом и сѐ што твоите татковци собирале до денес ќе биде однесено во Вавилон. Ништо нема да остане‘, вели Господ.

  7. ‚И некои од твоите синови, што ќе произлезат од тебе и што ќе ти се родат, ќе бидат одведени и ќе станат евнуси во дворецот на вавилонскиот цар.‘“

  8. Езекија му рече на Исаија: „Добар е Господовиот збор што го кажа.“ Зашто си мислеше: „Ќе има мир и сигурност во моите денови.“