Прескокни кон главната содржина

Исаија

Глава 47

  1. 1

    „Слези и седни во правта, девице, ќерко вавилонска! Седни на земјата без престол, ќерко халдејска, зашто повеќе нема да те нарекуваат нежна и разгалена.

  2. 2

    Земи воденички камења и мели брашно; тргни го превезот, подигни ја облеката, разголи ги нозете и премини ги реките.

  3. 3

    Твојата голотија ќе биде откриена и твојот срам ќе се види. Ќе се одмаздам и никого нема да поштедам.“

  4. 4

    Нашиот Откупител — Господ над војските е Неговото име, Светиот на Израел.

  5. 5

    „Седи молчејќи и влези во темнината, ќерко халдејска, зашто повеќе нема да те нарекуваат владетелка на царствата.

  6. 6

    Се разгневив на Мојот народ, го оставив Моето наследство да биде осквернето и го предадов во твојата рака. Но ти не им покажа милост; дури и врз старецот стави тежок јарем.

  7. 7

    Велеше: ‚Засекогаш ќе бидам владетелка!‘ Но не ги зеде овие работи при срце и не размислуваше за нивниот крај.

  8. 8

    А сега слушни го ова, ти што живееш во раскош и безгрижно седиш, велејќи во своето срце: ‚Јас сум и нема друга како мене! Никогаш нема да останам вдовица ниту ќе знам што значи да изгубам деца.‘

  9. 9

    Но и двете ќе те снајдат ненадејно, во еден ден — загуба на деца и вдовство. Во полна мера ќе дојдат врз тебе, и покрај твоите многубројни магии и силни баења.

  10. 10

    Се надеваше на својата злоба и велеше: ‚Никој не ме гледа.‘ Твојата мудрост и твоето знаење те заведоа, па во своето срце рече: ‚Јас сум и нема друга како мене.‘

  11. 11

    Но зло ќе дојде врз тебе и нема да знаеш како да го отстраниш. Несреќа ќе падне врз тебе и нема да можеш да ја спречиш. Ненадејно ќе те снајде пропаст за која не си знаела.

  12. 12

    Продолжи тогаш со своите баења и со многубројните магии со кои се занимаваш уште од младоста! Можеби ќе ти помогнат, можеби ќе влееш страв.

  13. 13

    Се измори од многубројните свои советници. Нека станат сега и нека те спасат оние што го набљудуваат небото, што гледаат во ѕвездите и секој месец ти кажуваат што ќе те снајде.

  14. 14

    Ете, ќе станат како слама; огнот ќе ги изгори. Нема да можат да се избават од силата на пламенот. Тоа нема да биде жар крај кој човек се грее, ниту оган пред кој се седи.

  15. 15

    Такви ќе станат оние со кои се трудеше, твоите трговци уште од младоста. Секој ќе замине на своја страна; никој нема да те спаси.“