Исаија
Глава 49
- 1
Слушајте ме, острови, и внимавајте, далечни народи! Господ ме повика уште од утробата; уште од утробата на мајка ми го спомна моето име.
- 2
Ја направи мојата уста како остар меч и ме сокри во сенката на Својата рака. Ме направи како изострена стрела и ме скри во Својот тоболец.
- 3
Ми рече: „Ти си Мој слуга, Израеле, преку тебе ќе ја покажам Својата слава.“
- 4
А јас реков: „Залудно се трудев; напразно и бескорисно ја потрошив својата сила. Сепак, моето право е кај Господ и мојата награда кај мојот Бог.“
- 5
А сега Господ, Кој ме обликува уште од утробата да Му бидам слуга, за да го вратам Јаков кај Него и Израел да биде собран кај Него — зашто сум почитуван во Господовите очи и мојот Бог е мојата сила —
- 6
Тој вели: „Премалку е да Ми бидеш Слуга само за да ги подигнеш племињата Јаковови и да ги вратиш зачуваните од Израел. Ќе Те поставам и за светлина на народите, за Моето спасение да стигне до крајот на земјата.“
- 7
Вака вели Господ, Откупителот на Израел, неговиот Светец, на Оној Кого луѓето Го презираат, Кого народите Го отфрлаат, на Слугата на владетелите: „Цареви ќе видат и ќе станат, водачи ќе се поклонат, заради Господ, Кој е верен, заради Светиот на Израел, Кој Те избра.“
- 8
Вака вели Господ: „Во време на милост Те послушав и во ден на спасение Ти помогнав. Ќе Те чувам и ќе Те поставам за завет на народот, за да ја обновиш земјата и повторно да ги разделиш опустошените наследства;
- 9
да им кажеш на затворениците: ‚Излезете!‘, а на оние во темнина: ‚Покажете се!‘ Ќе пасат покрај патиштата и на сите голи височини ќе имаат пасишта.
- 10
Нема да гладуваат ниту да жеднеат; нема да ги удри жештина ниту сонце, зашто Оној што има милост кон нив ќе ги води и ќе ги одведе до извори на вода.
- 11
Сите Мои планини ќе ги претворам во патишта, а Моите друмови ќе бидат издигнати.
- 12
Ете, едни ќе дојдат оддалеку, други од север и од запад, а други од земјата Синим.“
- 13
Пејте, небеса! Радувај се, земјо! Планини, избувнете во песна! Зашто Господ го утеши Својот народ и ќе им се смилува на Своите страдалници.
- 14
Но Сион рече: „Господ ме остави; Господ ме заборави.“
- 15
„Може ли жена да го заборави своето доенче и да нема милост кон синот што го родила? И таа да заборави, Јас нема да те заборавам.
- 16
Ете, те врежав на дланките на Своите раце; твоите ѕидови постојано се пред Мене.
- 17
Твоите синови брзаат да се вратат, а оние што те разурнуваа и опустошуваа ќе си заминат од тебе.
- 18
Подигни ги очите наоколу и погледни: сите се собираат и доаѓаат кај тебе. Жив сум Јас“, вели Господ, „ќе ги облечеш сите како украс и ќе се накитиш со нив како невеста.
- 19
Зашто твоите урнатини, твоите опустошени места и твојата разорена земја сега ќе бидат претесни за жителите, а оние што те проголтуваа ќе бидат далеку.
- 20
Децата што ги доби откако остана без своите ќе ти велат: ‚Местово е претесно за мене; направи ми простор за да живеам.‘
- 21
Тогаш во своето срце ќе речеш: ‚Кој ми ги роди овие? Јас останав без деца и бев осамена, прогонета и отфрлена. Кој ги одгледа овие? Ете, останав сама — од каде дојдоа тие?‘“
- 22
Вака вели Господ: „Ете, ќе ја кренам Својата рака кон народите и ќе го подигнам Своето знаме пред племињата. Тие ќе ги донесат твоите синови во прегратка, а твоите ќерки ќе ги носат на рамена.
- 23
Царевите ќе бидат твои хранители, а нивните царици твои доилки. Со лицето до земјата ќе ти се поклонат и ќе ја лижат правта од твоите нозе. Тогаш ќе знаеш дека Јас сум Господ и дека оние што се надеваат на Мене нема да бидат посрамени.“
- 24
Може ли пленот да му се одземе на силниот? Може ли заробеникот да се избави од моќниот?
- 25
Но вака вели Господ: „И заробениците на силниот ќе бидат одземени и пленот на насилникот ќе биде избавен. Јас ќе се борам против оние што се борат против тебе и ќе ги спасам твоите деца.
- 26
Оние што те угнетуваат ќе ги натерам да го јадат сопственото месо и ќе се опијат од сопствената крв како од младо вино. Тогаш сите луѓе ќе знаат дека Јас, Господ, сум твојот Спасител и твојот Откупител, Моќниот на Јаков.“