Прескокни кон главната содржина

Исаија

Глава 50

  1. 1

    Вака вели Господ: „Каде е разводното писмо на вашата мајка со кое Јас ја отпуштив? Или на кој од Моите доверители ве продадов? Ете, поради своите беззаконија бевте продадени и поради своите престапи вашата мајка беше отпуштена.

  2. 2

    Зошто, кога дојдов, немаше никој? Кога повикав, никој не одговори? Зар Мојата рака стана прекратка за да откупи? Зар немам сила да избавам? Ете, со Својот укор го исушувам морето и ги претворам реките во пустина; нивните риби се усмрдуваат поради недостиг од вода и умираат од жед.

  3. 3

    Ги облекувам небесата во темнина и вреќиштето им го правам покривка.“

  4. 4

    Господ ми даде јазик на ученик, за да знам со збор да го поткрепам изморениот. Секое утро ме буди; ми го буди увото за да слушам како ученик.

  5. 5

    Господ ми го отвори увото, а јас не се побунив и не се повлеков назад.

  6. 6

    Го подадов својот грб на оние што ме удираа и образите на оние што ми ја кубеа брадата. Не го сокрив своето лице од навреди и плукање.

  7. 7

    Но Господ ми помага; затоа нема да бидам посрамен. Затоа го направив своето лице цврсто како кремен и знам дека нема да се засрамам.

  8. 8

    Близу е Оној што ме оправдува. Кој ќе се препира со мене? Да застанеме заедно! Кој има обвинение против мене? Нека ми пристапи!

  9. 9

    Ете, Господ ми помага. Кој ќе ме осуди? Сите тие ќе изветвеат како облека; молец ќе ги изеде.

  10. 10

    Кој меѓу вас има стравопочит кон Господ и го слуша гласот на Неговиот Слуга? Оној што оди во темнина и нема светлина нека се надева на Господовото име и нека се потпре на својот Бог.

  11. 11

    Но вие што палите оган и се опкружувате со огнени искри, одете во пламенот на својот оган и меѓу искрите што самите ги запаливте. Од Мојата рака ќе ви дојде ова: ќе легнете во мака.