Исаија
Глава 51
- 1
„Слушајте Ме, вие што се стремите кон праведност и Го барате Господ! Погледнете ја карпата од која сте отсечени и јамата од која сте ископани.
- 2
Погледнете го Авраам, вашиот татко, и Сара, која ве роди. Кога беше само еден, Јас го повикав, го благословив и го умножив.
- 3
Зашто Господ ќе го утеши Сион; ќе ги утеши сите негови урнатини. Неговата пустина ќе ја направи како Еден, а неговата пустелија како Господовата градина. Радост и веселба ќе има во него, благодарност и глас на песна.
- 4
Внимавај на Мене, народе Мој, и приклони го увото кон Мене, племе Мое! Зашто од Мене ќе излезе поука и Мојата правда ќе ја поставам како светлина за народите.
- 5
Мојата праведност е близу, Моето спасение излегува и Моите раце ќе им судат на народите. Островите ќе се надеваат на Мене и ќе ја очекуваат Мојата рака.
- 6
Подигнете ги очите кон небесата и погледнете ја земјата долу. Небесата ќе исчезнат како чад, земјата ќе изветвее како облека, а нејзините жители ќе умрат како мушички. Но Моето спасение ќе трае засекогаш и Мојата праведност нема да исчезне.
- 7
Слушајте Ме, вие што ја познавате праведноста, народе што го носиш Мојот Закон во срцето! Не плашете се од човечкиот укор и не се ужаснувајте од нивните навреди.
- 8
Зашто молец ќе ги изеде како облека и црв ќе ги изеде како волна; но Мојата праведност ќе трае засекогаш и Моето спасение од поколение до поколение.“
- 9
Разбуди се, разбуди се! Облечи се во сила, рако Господова! Разбуди се како во древните денови, во поколенијата од минатото! Зар не беше Ти што го исече Рахав и го прободе змејот?
- 10
Зар не беше Ти што го исуши морето, водите на големата бездна, и ги направи морските длабочини пат по кој поминаа откупените?
- 11
Избавените од Господ ќе се вратат и со радосна песна ќе дојдат во Сион. Вечна радост ќе биде над нивните глави; веселба и радост ќе ги исполнат, а жалоста и воздивнувањето ќе исчезнат.
- 12
„Јас, Јас сум Оној што ве утешува. Кој си ти, па да се плашиш од смртен човек и од човечки син што е како трева?
- 13
Го заборави Господ, својот Создател, Кој ги распростре небесата и ги постави темелите на земјата. Постојано, преку целиот ден, се плашиш од гневот на угнетувачот, кога се подготвува да уништува. Но каде е сега гневот на угнетувачот?
- 14
Заробеникот наскоро ќе биде ослободен; нема да умре и да слезе во јамата, ниту ќе му недостига леб.
- 15
Зашто Јас сум Господ, твојот Бог, Кој го разбранува морето и неговите бранови рикаат — Господ над војските е Неговото име.
- 16
Ги ставив Моите зборови во твојата уста и те покрив со сенката на Својата рака, за да ги утврдам небесата, да ги поставам темелите на земјата и да му кажам на Сион: ‚Ти си Мој народ.‘“
- 17
Разбуди се, разбуди се! Стани, Ерусалиме! Ти што од Господовата рака ја испи чашата на Неговиот гнев; ја испи до дното чашата од која се тетеравеше.
- 18
Од сите синови што ги роди нема кој да го води; од сите синови што ги одгледа нема кој да го фати за рака.
- 19
Две несреќи те снајдоа — кој ќе те сожалува? Пустош и разурнување, глад и меч — кој ќе те утеши?
- 20
Твоите синови изнемоштеа и лежат по аглите на улиците како антилопа фатена во мрежа, исполнети со Господовиот гнев и со укорот на твојот Бог.
- 21
Затоа слушни го ова, ти измачена, опиена, но не од вино.
- 22
Вака вели Господ, твојот Бог, Кој го брани Својот народ: „Ете, ја земам од твојата рака чашата од која се тетеравеше, чашата на Мојот гнев; повеќе нема да ја пиеш.
- 23
Ќе ја ставам во рацете на оние што те мачеа, кои ти велеа: ‚Наведни се за да поминеме преку тебе!‘ А ти го положуваше својот грб како земја и како улица по која тие минуваа.“