Исаија
Глава 58
- 1
„Повикај со силен глас, не воздржувај се! Крени го својот глас како труба! Објави му ги на Мојот народ неговите престапи и на домот Јаковов неговите гревови.
- 2
Тие Ме бараат секој ден и сакаат да ги знаат Моите патишта, како да се народ што постапува праведно и не ја напуштил правдата на својот Бог. Од Мене бараат праведни одлуки и сакаат да Му се приближат на Бог.
- 3
Велат: ‚Зошто постиме, а Ти не гледаш? Зошто се понизуваме, а Ти не обрнуваш внимание?‘ Ете, во денот кога постите си ги барате своите задоволства и ги притискате сите свои работници.
- 4
Постите за расправии и караници и за да удирате со безбожна тупаница. Со ваков пост вашиот глас нема да биде чуен на висините.
- 5
Зар таков пост избрав — само човек да се измачува еден ден, да ја наведнува главата како трска и да лежи во вреќиште и пепел? Зар тоа ќе го наречеш пост и ден угоден на Господ?
- 6
Зар ова не е постот што го избрав: да ги раскинете оковите на беззаконието, да ги разврзете врските на јаремот, да ги пуштите угнетените на слобода и да го скршите секој јарем?
- 7
Да го поделиш својот леб со гладниот, да ги внесеш во својот дом сиромавите без засолниште; кога ќе видиш необлечен, да го облечеш и да не се криеш од својот ближен.
- 8
Тогаш твојата светлина ќе избие како зора и твоето исцелување брзо ќе дојде. Твојата праведност ќе оди пред тебе, а Господовата слава ќе ти биде задна стража.
- 9
Тогаш ќе повикаш и Господ ќе ти одговори; ќе извикаш за помош и Тој ќе рече: ‚Еве Ме!‘ Ако го отстраниш јаремот од својата средина, престанеш да покажуваш со прст и да зборуваш зло;
- 10
ако му дадеш од себе на гладниот и ја наситиш душата на измачениот, тогаш твојата светлина ќе засветли во темнината и твојот мрак ќе стане како пладне.
- 11
Господ постојано ќе те води, ќе ја наситува твојата душа и во суша и ќе ги зајакнува твоите коски. Ќе бидеш како добро наводнета градина и како извор чии води никогаш не пресушуваат.
- 12
Твоите потомци ќе ги изградат древните урнатини; ќе ги подигнеш темелите оставени од многу поколенија. Ќе те нарекуваат Обновител на урнатите ѕидови и Обновител на патиштата за живеење.
- 13
Ако ја воздржиш својата нога во сабота и не ги вршиш своите работи во Мојот свет ден; ако саботата ја наречеш радост, а Господовиот свет ден достоен за почит; ако го почитуваш и не одиш по своите патишта, не ги бараш своите задоволства и не зборуваш празни зборови,
- 14
тогаш ќе се радуваш во Господ. Ќе те издигнам над височините на земјата и ќе те хранам со наследството на Јаков, твојот татко.“ Зашто Господовата уста го кажа тоа.