Прескокни кон главната содржина

Исаија

Глава 61

  1. 1

    Духот на Господ Бог е врз Мене, зашто Господ Ме помаза да им донесам добра вест на понизните. Ме испрати да ги исцелам скршените по срце, да им објавам слобода на заробениците и ослободување на затворените;

  2. 2

    да ја објавам годината на Господовата милост и денот на одмаздата на нашиот Бог; да ги утешам сите што тагуваат;

  3. 3

    да им дадам на оние што тагуваат во Сион украс наместо пепел, масло на радост наместо жалост и облека на пофалба наместо изнемоштен дух. Ќе бидат наречени дрвја на праведноста, насад Господов, за Тој да се прослави.

  4. 4

    Тие ќе ги изградат древните урнатини, ќе ги обноват одамна опустошените места и повторно ќе ги изградат разурнатите градови, пустите места од многу поколенија.

  5. 5

    Туѓинци ќе стојат и ќе ги пасат вашите стада, а странци ќе ви бидат орачи и лозари.

  6. 6

    А вие ќе се нарекувате Господови свештеници; ќе ве нарекуваат служители на нашиот Бог. Ќе го јадете богатството на народите и ќе се гордеете со нивната слава.

  7. 7

    Наместо вашиот двоен срам ќе добиете двоен дел; наместо понижување ќе се радувате на своето наследство. Затоа во својата земја ќе наследите двојно и вечна радост ќе имате.

  8. 8

    „Зашто Јас, Господ, ја љубам правдата и мразам грабеж и неправда. Верно ќе им ја дадам нивната награда и ќе склучам вечен завет со нив.

  9. 9

    Нивното потомство ќе биде познато меѓу народите, а нивните наследници меѓу племињата. Секој што ќе ги види ќе препознае дека тие се потомство што Господ го благословил.“

  10. 10

    Многу ќе се радувам во Господ, мојата душа ќе се весели во мојот Бог, зашто ме облече во облека на спасението и ме покри со наметка на праведноста, како младоженец што се украсува и како невеста што се накитува со своите украси.

  11. 11

    Како што земјата го пушта својот никулец и како што градината прави посеаното да никне, така Господ Бог ќе направи праведноста и пофалбата да израснат пред сите народи.