Исаија
Глава 62
- 1
Заради Сион нема да молчам и заради Ерусалим нема да се смирам, додека неговата праведност не засветли како зора и неговото спасение како запален факел.
- 2
Народите ќе ја видат твојата праведност и сите цареви твојата слава. Ќе бидеш наречен со ново име што ќе го одреди Господовата уста.
- 3
Ќе бидеш прекрасна круна во Господовата рака и царски венец во дланката на твојот Бог.
- 4
Повеќе нема да те нарекуваат „Напуштена“, ниту твојата земја „Опустошена“, туку тебе ќе те нарекуваат „Мојата радост е во неа“, а твојата земја „Омажена“, зашто Господ се радува на тебе и твојата земја ќе биде како омажена.
- 5
Како што младич се жени со девојка, така твоите синови ќе се соединат со тебе; и како што младоженецот се радува на невестата, така твојот Бог ќе се радува на тебе.
- 6
На твоите ѕидови, Ерусалиме, поставив стражари. Ни дење ни ноќе нема да молчат. Вие што Го потсетувате Господ, не замолчувајте
- 7
и не давајте Му одмор додека не го утврди Ерусалим и не го направи пофалба на земјата.
- 8
Господ се заколна во Својата десница и во Својата силна рака: „Нема повеќе да им го давам твоето жито како храна на твоите непријатели, ниту туѓинците ќе го пијат твоето младо вино за кое си се трудел.
- 9
Оние што го собираат житото ќе го јадат и ќе Го слават Господ; оние што го собираат грозјето ќе го пијат виното во дворовите на Моето светилиште.“
- 10
Поминете, поминете низ портите! Подгответе му пат на народот! Изградете, изградете друм, отстранете ги камењата и кренете знаме за народите!
- 11
Ете, Господ објави до крајот на земјата: „Кажете ѝ на ќерката Сионска: ‚Ете, твоето спасение доаѓа! Неговата награда е со Него и Неговата отплата оди пред Него.‘“
- 12
Ќе ги нарекуваат Свет народ, Откупени од Господ; а тебе ќе те нарекуваат Барана, Град што не е напуштен.