Исаија
Глава 63
- 1
Кој е Овој што доаѓа од Едом, од Боцра во облека обоена црвено? Кој е Овој, величествен во Својата облека, Кој чекори во полнотата на Својата сила? „Јас сум Оној што зборува во праведност и имам сила да спасам.“
- 2
Зошто Твојата облека е црвена и Твоите алишта како на човек што гази грозје во преса?
- 3
„Сам ја газев пресата и од народите немаше никој со Мене. Ги газев во Својот гнев и ги погазив во Својата лутина; нивната крв ја испрска Мојата облека и ги извалкав сите Свои алишта.
- 4
Зашто денот на одмаздата беше во Моето срце и дојде годината на Моето откупување.
- 5
Погледнав, но немаше кој да помогне; се зачудив што немаше кој да поддржи. Тогаш Мојата рака Ми донесе спасение и Мојата лутина Ме поддржа.
- 6
Во Својот гнев ги погазив народите, ги опив со Својата лутина и ја излеав нивната крв на земјата.“
- 7
Ќе ја спомнувам Господовата милост и Господовите дела достојни за пофалба, сѐ што Господ направи за нас, и големата добрина кон домот Израелев што им ја покажа според Своето сожалување и според изобилството на Својата милост.
- 8
Тој рече: „Навистина, тие се Мој народ, синови што нема да постапуваат неверно.“ И им стана Спасител.
- 9
Во сите нивни неволји и Тој страдаше, а ангелот на Неговото присуство ги спаси. Во Својата љубов и сожалување Тој ги откупи; ги крена и ги носеше во сите древни денови.
- 10
Но тие се побунија и го ожалостија Неговиот Свет Дух. Затоа им стана непријател и Самиот војуваше против нив.
- 11
Тогаш Неговиот народ се сети на древните денови, на Мојсеј: „Каде е Оној што ги изведе од морето со пастирите на Своето стадо? Каде е Оној што го стави Својот Свет Дух меѓу нив,
- 12
Кој ја водеше Својата славна рака покрај десницата на Мојсеј, Кој ги раздели водите пред нив за да Си создаде вечно име,
- 13
Кој ги водеше низ длабочините како коњ низ рамнина, без да се сопнат?
- 14
Како добиток што слегува во долина, Господовиот Дух им даде одмор.“ Така го водеше Својот народ за да Си создадеш славно име.
- 15
Погледни од небото и види од Своето свето и славно живеалиште! Каде се Твојата ревност и Твојата сила? Каде се Твојата длабока љубов и Твојата милост кон нас?
- 16
Зашто Ти си наш Татко. И Авраам да не нѐ познава и Израел да не нѐ признава, Ти, Господи, си наш Татко; Твоето име отсекогаш е наш Откупител.
- 17
Зошто, Господи, дозволуваш да скршнуваме од Твоите патишта и нашите срца да станат нечувствителни кон стравопочитта пред Тебе? Врати се заради Своите слуги, заради племињата на Твоето наследство.
- 18
Само кратко време Твојот свет народ го поседуваше своето наследство; нашите непријатели го изгазија Твоето светилиште.
- 19
Станавме како народ над кој никогаш не си владеел, како луѓе што никогаш не биле наречени со Твоето име.