Еремија
Глава 16
- 1
Господовиот збор дојде до мене:
- 2
„Не земај жена и немој да имаш синови и ќерки на ова место.“
- 3
Зашто вака вели Господ за синовите и ќерките што ќе се родат на ова место, за мајките што ќе ги родат и за татковците што ќе ги добијат во оваа земја:
- 4
„Ќе умрат од тешки болести. Никој нема да ги оплакува ниту да ги погреба; ќе станат како ѓубриво врз земјата. Ќе загинат од меч и глад, а нивните мртви тела ќе станат храна за небесните птици и земните ѕверови.“
- 5
Зашто вака вели Господ: „Не влегувај во дом каде што се тагува, не оди да плачеш со нив и не покажувај им сожалување, зашто од овој народ ги отстранив Својот мир, милоста и сожалувањето“, вели Господ.
- 6
„И големи и мали ќе умираат во оваа земја. Нема да бидат погребани, никој нема да ги оплакува, ниту ќе се сечат поради нив или ќе ја бричат главата во знак на жалост.
- 7
Никој нема да им прекршува леб на ожалостените за да ги утеши поради умрениот, ниту ќе им даде чаша на утеха поради смртта на татко или мајка.
- 8
Не влегувај ни во дом каде што има гозба, за да седиш со нив, да јадеш и да пиеш.“
- 9
Зашто вака вели Господ над војските, Бог на Израел: „Ете, пред вашите очи и во вашите денови ќе направам на ова место да престанат гласот на радоста и гласот на веселбата, гласот на младоженецот и гласот на невестата.“
- 10
„Кога ќе му ги кажеш на овој народ сите овие зборови, тие ќе те прашаат: ‚Зошто Господ ја изрече против нас сета оваа голема несреќа? Какво е нашето беззаконие и каков грев направивме против Господ, нашиот Бог?‘
- 11
Тогаш кажи им: ‚Затоа што вашите татковци Ме оставија‘, вели Господ, ‚тргнаа по други богови, им служеа и им се поклонуваа. Мене Ме оставија и не го чуваа Мојот Закон.
- 12
А вие постапивте уште полошо од своите татковци. Ете, секој оди по тврдоглавоста на своето зло срце и одбива да Ме слуша.
- 13
Затоа ќе ве исфрлам од оваа земја во земја што не сте ја познавале ни вие ни вашите татковци. Таму ќе им служите на други богови дење и ноќе, зашто нема да ви покажам милост.‘“
- 14
„Но ете, доаѓаат денови“, вели Господ, „кога повеќе нема да се вели: ‚Жив е Господ, Кој ги изведе синовите Израелеви од египетската земја‘,
- 15
туку: ‚Жив е Господ, Кој ги изведе синовите Израелеви од северната земја и од сите земји во кои ги беше расеал.‘ Ќе ги вратам во нивната земја што им ја дадов на нивните татковци.
- 16
Ете, ќе повикам многу рибари“, вели Господ, „и тие ќе ги ловат. Потоа ќе повикам многу ловци и тие ќе ги ловат по секоја планина, по секој рид и од процепите на карпите.
- 17
Зашто Моите очи се насочени кон сите нивни патишта. Ништо не е скриено од Мене и нивното беззаконие не е сокриено од Моите очи.
- 18
Најнапред двојно ќе им возвратам за нивното беззаконие и за нивниот грев, зашто ја осквернија Мојата земја со мртвите тела на своите одвратни идоли и го наполнија Моето наследство со своите одвратности.“
- 19
Господи, моја сила, моја тврдина и мое прибежиште во денот на неволја! Кај Тебе ќе дојдат народите од краевите на земјата и ќе речат: „Нашите татковци наследија само лага, празнина и нешта од кои нема никаква корист.“
- 20
Може ли човек самиот да си направи богови? Но тие воопшто не се богови!
- 21
„Затоа ете, овојпат ќе им покажам; ќе направам да ја запознаат Мојата рака и Мојата сила, и ќе знаат дека Моето име е Господ.“