Еремија
Глава 19
Вака вели Господ: „Оди и купи земјен сад од грнчар. Земи со себе некои од старешините на народот и од старешините на свештениците. (Еремија 19:1)
Излези во долината Бен-Хином, кај влезот на Портата Харсит, и таму објави ги зборовите што ќе ти ги кажам. (Еремија 19:2)
Кажи: ‚Слушнете го Господовиот збор, цареви на Јуда и жители на Ерусалим! Вака вели Господ над војските, Бог на Израел: Ете, ќе донесам таква несреќа врз ова место што на секој што ќе чуе ќе му зујат ушите. (Еремија 19:3)
Зашто Ме оставија, го осквернија ова место и на него им принесуваа темјан на други богови што не ги познаваа ни тие, ни нивните татковци, ни царевите на Јуда. Го наполнија ова место со крвта на невини луѓе. (Еремија 19:4)
Изградија височини на Ваал за да ги горат своите синови во оган како паленици за Ваал – нешто што не го заповедав, за кое не зборував и што никогаш не Ми дојде во мисла. (Еремија 19:5)
Затоа ете, доаѓаат денови‘, вели Господ, ‚кога ова место повеќе нема да се нарекува Тофет ниту долината Бен-Хином, туку Долина на колењето. (Еремија 19:6)
На ова место ќе ги осуетам плановите на Јуда и Ерусалим. Ќе направам да паднат од меч пред своите непријатели и од раката на оние што го бараат нивниот живот. Нивните мртви тела ќе им ги дадам како храна на небесните птици и земните ѕверови. (Еремија 19:7)
Овој град ќе го претворам во ужас и предмет на потсмев. Секој што ќе помине покрај него ќе се вчудовиди и ќе се потсмева поради сите негови рани. (Еремија 19:8)
Ќе направам да го јадат месото на своите синови и ќерки; секој ќе го јаде месото на својот ближен во опсадата и во неволјата со која ќе ги притиснат нивните непријатели и оние што го бараат нивниот живот.‘ (Еремија 19:9)
Потоа скрши го садот пред очите на луѓето што ќе одат со тебе (Еремија 19:10)
и кажи им: ‚Вака вели Господ над војските: Така ќе го скршам овој народ и овој град, како што се крши грнчарски сад што повеќе не може да се поправи. Во Тофет ќе погребуваат мртви додека повеќе нема место за погребување. (Еремија 19:11)
Така ќе постапам со ова место и со неговите жители‘, вели Господ, ‚и ќе го направам овој град како Тофет. (Еремија 19:12)
Домовите во Ерусалим и домовите на царевите на Јуда ќе станат нечисти како Тофет – сите домови на чии покриви му принесуваа темјан на сето небесно воинство и им излеваа течни приноси на други богови.‘“ (Еремија 19:13)
Потоа Еремија се врати од Тофет, каде што Господ го беше испратил да пророкува. Застана во дворот на Господовиот дом и му рече на целиот народ: (Еремија 19:14)
„Вака вели Господ над војските, Бог на Израел: ‚Ете, ќе ја донесам врз овој град и врз сите негови околни населби сета несреќа што ја изговорив против него, зашто го стврднуваа својот врат и одбиваа да ги слушаат Моите зборови.‘“ (Еремија 19:15)