Прескокни кон главната содржина

Еремија

Глава 21

  1. 1

    Зборот што дојде до Еремија од Господ, кога царот Цедекија ги испрати кај него Пашхур, синот на Малхија, и свештеникот Софонија, синот на Маасеја, со порака:

  2. 2

    „Те молиме, прашај Го Господ за нас, зашто Навуходоносор, царот на Вавилон, војува против нас. Можеби Господ ќе направи за нас некое од Своите чудесни дела и тој ќе се повлече од нас.“

  3. 3

    Еремија им рече: „Вака кажете му на Цедекија:

  4. 4

    ‚Вака вели Господ, Бог на Израел: Ете, ќе го свртам против вас оружјето што го држите во своите раце, со кое се борите против вавилонскиот цар и Халдејците што ве опсадуваат надвор од ѕидовите. Ќе ги соберам среде овој град.

  5. 5

    И Самиот Јас ќе војувам против вас со испружена рака и силна мишка, со гнев, лутина и голема жестина.

  6. 6

    Ќе ги удрам жителите на овој град — и луѓето и животните; ќе умрат од голем помор.

  7. 7

    Потоа‘, вели Господ, ‚Цедекија, царот на Јуда, неговите слуги, народот и сите што ќе преживеат во овој град од поморот, мечот и гладот, ќе ги предадам во рацете на Навуходоносор, царот на Вавилон, во рацете на нивните непријатели и на оние што го бараат нивниот живот. Тој ќе ги погуби со меч; нема да ги поштеди, нема да покаже сожалување ниту милост.‘

  8. 8

    А на овој народ кажи му: ‚Вака вели Господ: Ете, пред вас го поставувам патот на животот и патот на смртта.

  9. 9

    Кој ќе остане во овој град, ќе умре од меч, глад или помор. Но кој ќе излезе и ќе им се предаде на Халдејците што ве опсадуваат, ќе остане жив и животот ќе му биде како плен што го спасил.

  10. 10

    Зашто го свртев Своето лице против овој град за зло, а не за добро‘, вели Господ. ‚Ќе биде предаден во рацете на вавилонскиот цар и тој ќе го изгори со оган.‘“

  11. 11

    А на домот на царот Јудин кажи: „Слушнете го Господовиот збор,

  12. 12

    доме Давидов! Вака вели Господ: ‚Судете праведно уште од утрото и избавувајте го ограбениот од раката на угнетувачот, за Мојот гнев да не избувне како оган и да гори без никој да може да го изгасне, поради злото на вашите дела.

  13. 13

    Ете, Јас сум против тебе, ти што живееш во долината, карпо над рамнината‘, вели Господ, ‚вие што велите: „Кој може да слезе против нас? Кој може да влезе во нашите живеалишта?“

  14. 14

    Ќе ве казнам според плодот на вашите дела‘, вели Господ. ‚Ќе запалам оган во нејзината шума и тој ќе проголта сѐ околу неа.‘“