Прескокни кон главната содржина

Еремија

Глава 27

  1. 1

    Во почетокот на владеењето на Јехојаким, синот на Јосија, царот на Јуда, дојде овој збор до Еремија од Господ:

  2. 2

    Вака ми рече Господ: „Направи си ремени и јарем и стави ги на својот врат.

  3. 3

    Потоа испрати порака до царот на Едом, царот на Моав, царот на синовите на Амон, царот на Тир и царот на Сидон, преку гласниците што дојдоа во Ерусалим кај Цедекија, царот на Јуда.

  4. 4

    Заповедај им да им кажат на своите господари: ‚Вака вели Господ над војските, Бог на Израел: Кажете им го ова на своите господари:

  5. 5

    Јас ја создадов земјата, луѓето и животните што се на неа со Својата голема сила и со Својата испружена рака, и ја давам кому што сакам.

  6. 6

    А сега сите овие земји ги предадов во рацете на Навуходоносор, царот на Вавилон, Мојот слуга. Му ги дадов дури и полските ѕверови да му служат.

  7. 7

    Сите народи ќе му служат нему, на неговиот син и на неговиот внук, додека не дојде времето и за неговата земја. Тогаш многу народи и големи цареви ќе го покорат.

  8. 8

    А народот или царството што нема да му служи на Навуходоносор, царот на Вавилон, и нема да го стави својот врат под јаремот на вавилонскиот цар, тој народ ќе го казнам со меч, глад и помор‘, вели Господ, ‚додека целосно не го предадам во неговата рака.

  9. 9

    Затоа не слушајте ги своите пророци, гатачи, толкувачи на соништа, претскажувачи и маѓепсници, кои ви велат: „Нема да му служите на вавилонскиот цар.“

  10. 10

    Тие ви пророкуваат лага, поради која ќе бидете оддалечени од својата земја; Јас ќе ве истерам и ќе загинете.

  11. 11

    Но народот што ќе го стави својот врат под јаремот на вавилонскиот цар и ќе му служи, ќе го оставам во неговата земја‘, вели Господ, ‚и ќе ја обработува и ќе живее во неа.‘“

  12. 12

    Истото му го кажав и на Цедекија, царот на Јуда: „Ставете го својот врат под јаремот на вавилонскиот цар, служете му нему и на неговиот народ, и ќе живеете.

  13. 13

    Зошто да умрете ти и твојот народ од меч, глад и помор, како што Господ рече за народот што нема да му служи на вавилонскиот цар?

  14. 14

    Не слушајте ги зборовите на пророците што ви велат: ‚Нема да му служите на вавилонскиот цар‘, зашто тие ви пророкуваат лага.

  15. 15

    ‚Јас не ги испратив‘, вели Господ, ‚а тие лажно пророкуваат во Моето име. Поради тоа ќе ве истерам и ќе загинете — и вие и пророците што ви пророкуваат.‘“

  16. 16

    Потоа им реков на свештениците и на целиот народ: „Вака вели Господ: ‚Не слушајте ги зборовите на вашите пророци што ви велат: „Ете, садовите од Господовиот дом наскоро ќе бидат вратени од Вавилон!“ Зашто тие ви пророкуваат лага.

  17. 17

    Не слушајте ги! Служете му на вавилонскиот цар и ќе живеете. Зошто овој град да стане пустош?

  18. 18

    Ако навистина се пророци и ако Господовиот збор е со нив, нека Го молат Господ над војските садовите што сѐ уште останаа во Господовиот дом, во дворецот на царот на Јуда и во Ерусалим да не бидат однесени во Вавилон.

  19. 19

    Зашто вака вели Господ над војските за столбовите, за бронзеното море, за подножјата и за останатите садови што сѐ уште се во овој град,

  20. 20

    кои Навуходоносор, царот на Вавилон, не ги зеде кога го одведе Јехонија, синот на Јехојаким, царот на Јуда, од Ерусалим во Вавилон, заедно со сите благородници на Јуда и Ерусалим.

  21. 21

    Да, вака вели Господ над војските, Бог на Израел, за садовите што останаа во Господовиот дом, во дворецот на царот на Јуда и во Ерусалим:

  22. 22

    Ќе бидат однесени во Вавилон и таму ќе останат до денот кога ќе се погрижам за нив‘, вели Господ. ‚Тогаш ќе ги изнесам оттаму и ќе ги вратам на ова место.‘“