Еремија
Глава 28
- 1
Истата година, во почетокот на владеењето на Цедекија, царот на Јуда, во четвртата година, во петтиот месец, пророкот Хананија, синот на Азур, од Гивон, ми рече во Господовиот дом, пред свештениците и пред целиот народ:
- 2
„Вака вели Господ над војските, Бог на Израел: ‚Го скршив јаремот на вавилонскиот цар.
- 3
За две години ќе ги вратам на ова место сите садови од Господовиот дом што Навуходоносор, царот на Вавилон, ги зеде од ова место и ги однесе во Вавилон.
- 4
Ќе го вратам на ова место и Јехонија, синот на Јехојаким, царот на Јуда, заедно со сите прогонети од Јуда што отидоа во Вавилон‘, вели Господ, ‚зашто ќе го скршам јаремот на вавилонскиот цар.‘“
- 5
Тогаш пророкот Еремија му рече на пророкот Хананија пред свештениците и пред целиот народ што стоеше во Господовиот дом:
- 6
„Амин! Нека направи Господ така! Нека Господ ги исполни твоите зборови што ги пророкуваше и нека ги врати од Вавилон на ова место садовите од Господовиот дом и сите прогонети!
- 7
Но слушни го овој збор што ќе го кажам пред тебе и пред целиот народ.
- 8
Пророците што беа пред мене и пред тебе уште од древни времиња пророкуваа против многу земји и големи царства — за војна, несреќа и помор.
- 9
Но пророкот што пророкува мир ќе биде признаен како пророк што Господ навистина го испратил само кога ќе се исполни неговиот збор.“
- 10
Тогаш пророкот Хананија го зеде јаремот од вратот на пророкот Еремија и го скрши.
- 11
Хананија рече пред целиот народ: „Вака вели Господ: ‚Така, за две години, ќе го скршам јаремот на Навуходоносор, царот на Вавилон, од вратот на сите народи.‘“ А пророкот Еремија си замина.
- 12
Откако пророкот Хананија го скрши јаремот од вратот на пророкот Еремија, Господовиот збор дојде до Еремија:
- 13
„Оди и кажи му на Хананија: ‚Вака вели Господ: Ти скрши дрвен јарем, но наместо него ќе направиш железен јарем.
- 14
Зашто вака вели Господ над војските, Бог на Израел: Железен јарем ставив врз вратот на сите овие народи за да му служат на Навуходоносор, царот на Вавилон. Ќе му служат, а му ги дадов дури и полските ѕверови.‘“
- 15
Тогаш пророкот Еремија му рече на пророкот Хананија: „Слушни, Хананија! Господ не те испрати, а ти направи овој народ да се надева на лага.
- 16
Затоа вака вели Господ: ‚Ете, ќе те отстранам од лицето на земјата. Оваа година ќе умреш, зашто проповедаше бунт против Господ.‘“
- 17
И пророкот Хананија умре истата година, во седмиот месец.