Еремија
Глава 7
Господовиот збор дојде до Еремија: (Еремија 7:1)
„Застани кај портата на Господовиот дом и таму објави го овој збор: ‚Слушнете го Господовиот збор, сите луѓе од Јуда што влегувате низ овие порти за да Му се поклоните на Господ!‘ (Еремија 7:2)
Вака вели Господ над војските, Бог на Израел: ‚Исправете ги своите патишта и своите дела, и ќе ви дозволам да живеете на ова место. (Еремија 7:3)
Не надевајте се на лажните зборови: „Ова е Господовиот храм, Господовиот храм, Господовиот храм!“ (Еремија 7:4)
Ако навистина ги исправите своите патишта и своите дела, ако навистина постапувате праведно еден кон друг, (Еремија 7:5)
ако не ги угнетувате туѓинецот, сиракот и вдовицата, ако не пролевате невина крв на ова место и ако не одите по други богови на своја погибел, (Еремија 7:6)
тогаш ќе ви дозволам да живеете на ова место, во земјата што им ја дадов на вашите татковци, засекогаш. (Еремија 7:7)
Но ете, вие се надевате на лажни зборови што не можат да ви помогнат. (Еремија 7:8)
Крадете, убивате, вршите прељуба, лажно се заколнувате, му принесувате темјан на Ваал и одите по други богови што не сте ги познавале, (Еремија 7:9)
а потоа доаѓате и стоите пред Мене во овој дом, кој го носи Моето име, и велите: „Безбедни сме!“ – само за да продолжите да ги правите сите овие одвратности. (Еремија 7:10)
Зар овој дом, кој го носи Моето име, стана разбојничка пештера во вашите очи? Ете, и Јас го видов тоа‘“, вели Господ. (Еремија 7:11)
„Отидете во Моето место во Шило, каде што најпрво направив да престојува Моето име, и погледнете што му направив поради злото на Мојот народ Израел. (Еремија 7:12)
А сега, бидејќи ги правевте сите овие дела“, вели Господ, „иако постојано ви зборував, вие не слушавте; ве повикував, но не одговаравте, (Еремија 7:13)
со овој дом што го носи Моето име, во кој се надевате, и со местото што ви го дадов вам и на вашите татковци ќе постапам како што постапив со Шило. (Еремија 7:14)
Ќе ве отфрлам од пред Моето лице, како што ги отфрлив сите ваши браќа, целото потомство Ефремово. (Еремија 7:15)
А ти, не моли се за овој народ. Не кревај ни плач ни молитва за нив и не застапувај се пред Мене, зашто нема да те послушам. (Еремија 7:16)
Зар не гледаш што прават во градовите на Јуда и по улиците на Ерусалим? (Еремија 7:17)
Децата собираат дрва, татковците го палат огнот, а жените месат тесто за да прават колачи за небесната царица и да им излеваат течни приноси на други богови, предизвикувајќи Ме на гнев. (Еремија 7:18)
Зар Мене Ме предизвикуваат?“ – вели Господ. „Зар не се повредуваат самите себе и не си нанесуваат срам?“ (Еремија 7:19)
Затоа вака вели Господ Бог: „Ете, Мојот гнев и Мојата лутина ќе се излеат врз ова место – врз луѓето и животните, врз полските дрвја и врз плодот на земјата. Ќе горат и нема да се изгаснат.“ (Еремија 7:20)
Вака вели Господ над војските, Бог на Израел: „Додајте ги своите паленици кон другите жртви и изедете го месото! (Еремија 7:21)
Зашто во денот кога ги изведов вашите татковци од египетската земја, не им зборував и не им заповедав првенствено за паленици и жртви, (Еремија 7:22)
туку им го заповедав ова: ‚Слушајте го Мојот глас и Јас ќе бидам ваш Бог, а вие ќе бидете Мој народ. Одете по секој пат што ќе ви го заповедам, за да ви биде добро.‘ (Еремија 7:23)
Но тие не слушаа и не го приклонија своето уво. Одеа по сопствените замисли и по тврдоглавоста на своето зло срце; одеа назад, а не напред. (Еремија 7:24)
Од денот кога вашите татковци излегоа од египетската земја до денес постојано ви ги испраќав сите Свои слуги, пророците. (Еремија 7:25)
Но не Ме слушаа и не го приклонија своето уво; станаа тврдоглави и постапуваа полошо од своите татковци. (Еремија 7:26)
Ќе им ги кажеш сите овие зборови, но нема да те слушаат. Ќе ги повикуваш, но нема да ти одговорат. (Еремија 7:27)
Тогаш кажи им: ‚Ова е народот што не го слушаше гласот на Господ, својот Бог, и не ја прифати Неговата поука. Верноста исчезна и повеќе ја нема во нивната уста.‘ (Еремија 7:28)
Отсечи ја својата коса и фрли ја! Крени тажачка песна по голите височини, зашто Господ го отфрли и го остави поколението што го предизвика Неговиот гнев. (Еремија 7:29)
Зашто синовите Јудини го правеа она што е зло во Моите очи“, вели Господ. „Ги поставија своите одвратни идоли во домот што го носи Моето име и го осквернија. (Еремија 7:30)
Ги изградија височините на Тофет во долината Бен-Хином за да ги горат своите синови и ќерки во оган – нешто што не го заповедав и никогаш не Ми дојде во мисла. (Еремија 7:31)
Затоа ете, доаѓаат денови“, вели Господ, „кога повеќе нема да се нарекува Тофет ниту долината Бен-Хином, туку Долина на колењето. Во Тофет ќе погребуваат мртви додека повеќе нема место. (Еремија 7:32)
Мртвите тела на овој народ ќе станат храна за небесните птици и земните ѕверови, и никој нема да ги брка. (Еремија 7:33)
Ќе направам во градовите на Јуда и по улиците на Ерусалим да престанат гласот на радоста и гласот на веселбата, гласот на младоженецот и гласот на невестата, зашто земјата ќе стане пустош.“ (Еремија 7:34)