Прескокни кон главната содржина

Јов

Глава 1

  1. 1

    Во земјата Уз живееше човек по име Јов. Тој беше непорочен и праведен, имаше страв од Бог и се оддалечуваше од злото.

  2. 2

    Му се родија седум синови и три ќерки.

  3. 3

    Имаше седум илјади овци, три илјади камили, петстотини чифта волови и петстотини магарици, како и многубројни слуги. Тој човек беше најугледен меѓу сите луѓе на Истокот.

  4. 4

    Неговите синови приредуваа гозби во своите домови, секој во својот определен ден, и ги повикуваа своите три сестри да јадат и да пијат со нив.

  5. 5

    Кога ќе завршеа деновите на гозбите, Јов ги повикуваше и ги осветуваше. Стануваше рано наутро и принесуваше паленици според бројот на сите нив, зашто велеше: „Можеби моите синови згрешиле и Го проколнале Бог во своето срце.“ Така правеше Јов постојано.

  6. 6

    Еден ден Божјите синови дојдоа да застанат пред Господ, а меѓу нив дојде и Сатаната.

  7. 7

    Господ му рече на Сатаната: „Од каде доаѓаш?“ Сатаната Му одговори на Господ: „Од обиколување на земјата и од одење по неа.“

  8. 8

    Господ му рече: „Го забележа ли Мојот слуга Јов? Нема друг како него на земјата — непорочен и праведен човек, кој има страв од Бог и се оддалечува од злото.“

  9. 9

    Сатаната Му одговори на Господ: „Зар Јов без причина има страв од Бог?

  10. 10

    Зар не постави ограда околу него, околу неговиот дом и околу сѐ што има? Го благослови делото на неговите раце и неговиот добиток се намножи по земјата.

  11. 11

    Но испружи ја Својата рака и допри се до сѐ што има, па ќе видиш дали нема да Те проколне право в лице!“

  12. 12

    Господ му рече на Сатаната: „Еве, сѐ што има е во твоја рака; само врз него не посегнувај.“ И Сатаната си замина од Господовото присуство.

  13. 13

    Еден ден, додека неговите синови и ќерки јадеа и пиеја вино во домот на најстариот брат,

  14. 14

    кај Јов дојде гласник и рече: „Воловите ораа, а магариците пасеа покрај нив,

  15. 15

    кога Шевајците нападнаа, ги одведоа животните, а слугите ги убија со меч. Само јас избегав за да ти кажам.“

  16. 16

    Додека тој уште зборуваше, дојде друг и рече: „Божји оган падна од небото и ги изгоре овците и слугите. Само јас избегав за да ти кажам.“

  17. 17

    Додека и тој уште зборуваше, дојде друг и рече: „Халдејците се распоредија во три чети, ги нападнаа камилите и ги одведоа, а слугите ги убија со меч. Само јас избегав за да ти кажам.“

  18. 18

    Додека и тој уште зборуваше, дојде друг и рече: „Твоите синови и ќерки јадеа и пиеја вино во домот на нивниот најстар брат,

  19. 19

    кога од пустината дојде силен ветер и удри во четирите агли на куќата. Куќата се урна врз младите и тие загинаа. Само јас избегав за да ти кажам.“

  20. 20

    Тогаш Јов стана, ја раскина својата облека и ја избричи главата. Падна на земја и Му се поклони на Бог.

  21. 21

    И рече: „Гол излегов од утробата на мајка ми и гол ќе се вратам. Господ даде и Господ зеде; нека биде славено Господовото име.“

  22. 22

    Во сето ова Јов не згреши и не Му припиша на Бог никаква неправда.