Прескокни кон главната содржина

Јов

Глава 37

  1. 1

    „И од ова срцето ми трепери и како да ќе излезе од своето место.

  2. 2

    Внимателно слушнете го татнежот на Неговиот глас и грмењето што излегува од Неговата уста.

  3. 3

    Го пушта под целото небо, а Својата молња до краевите на земјата.

  4. 4

    По неа одекнува глас; Тој грми со Својот величествен глас и не ги задржува молњите кога ќе се чуе Неговиот глас.

  5. 5

    Бог чудесно грми со Својот глас; прави големи дела што не можеме да ги разбереме.

  6. 6

    На снегот му вели: ‚Паѓај на земјата!‘, а истото му го заповеда и на дождот и на силните поројни дождови.

  7. 7

    Така ја запира работата на секој човек, за сите луѓе да го препознаат Неговото дело.

  8. 8

    Тогаш ѕверовите влегуваат во своите засолништа и остануваат во своите легла.

  9. 9

    Од југ доаѓа бурата, а од север студот.

  10. 10

    Од Божјиот здив настанува мраз и широките води замрзнуваат.

  11. 11

    Тој ги полни облаците со влага и низ нив ја распрснува Својата молња.

  12. 12

    Тие се движат наоколу според Неговото водство за да извршат сѐ што ќе им заповеда врз лицето на земјата.

  13. 13

    Ги испраќа или за казна, или за доброто на земјата, или за да покаже милост.

  14. 14

    Слушни го ова, Јове; застани и размисли за Божјите чудесни дела.

  15. 15

    Знаеш ли како Бог им заповеда и како прави молњата од Неговиот облак да засветли?

  16. 16

    Знаеш ли како облаците висат во рамнотежа — чудесните дела на Оној што е совршен во знаење?

  17. 17

    Зошто облеката ти станува жешка кога земјата мирува под јужниот ветер?

  18. 18

    Можеш ли заедно со Него да го распнеш небото, цврсто како леано огледало?

  19. 19

    Научи нѐ што да Му кажеме! Ние не можеме да ги подредиме своите зборови поради нашето незнаење.

  20. 20

    Треба ли да Му се каже дека сакам да зборувам? Зар човек треба да посака да биде проголтан?

  21. 21

    Сега луѓето не ја гледаат светлината што блеска зад облаците, но ветерот поминува и ги расчистува.

  22. 22

    Од север доаѓа златен сјај; околу Бог има страшно величие.

  23. 23

    Семоќниот не можеме целосно да Го достигнеме; велик е во сила, во суд и во изобилна праведност и никогаш не постапува неправедно.

  24. 24

    Затоа луѓето имаат стравопочит пред Него; Тој не се восхитува на оние што самите се сметаат за мудри.“