Прескокни кон главната содржина

Јов

Глава 38

  1. 1

    Тогаш Господ му одговори на Јов од виорот и рече:

  2. 2

    „Кој е тој што го затемнува Мојот совет со зборови без знаење?

  3. 3

    Стегни го својот појас како маж; Јас ќе те прашувам, а ти одговори Ми.

  4. 4

    Каде беше кога ги поставував темелите на земјата? Кажи Ми, ако имаш разбирање.

  5. 5

    Кој ги одреди нејзините мерки? Сигурно знаеш! Кој го развлече мерното јаже над неа?

  6. 6

    На што се прицврстени нејзините темели? И кој го постави нејзиниот аголен камен,

  7. 7

    кога утринските ѕвезди заедно пееја и сите Божји синови извикуваа од радост?

  8. 8

    Кој го затвори морето со врати кога избувна како да излегува од утроба,

  9. 9

    кога облакот му го направив облека, а густата темнина — повој,

  10. 10

    кога му поставив граница, ставив резиња и врати

  11. 11

    и реков: ‚До тука ќе доаѓаш и не подалеку; тука ќе запрат твоите горди бранови‘?

  12. 12

    Дали некогаш во својот живот си му заповедал на утрото и си ѝ го покажал на зората нејзиното место,

  13. 13

    за да ги опфати краевите на земјата и безбожните да бидат истресени од неа?

  14. 14

    Земјата се преобразува како глина под печат, а нејзините облици се појавуваат како облека.

  15. 15

    На безбожните им се одзема нивната светлина и кренатата рака им се крши.

  16. 16

    Дали си стигнал до изворите на морето? Дали си одел по дното на бездната?

  17. 17

    Дали ти се откриле портите на смртта? Дали си ги видел портите на смртната сенка?

  18. 18

    Дали си ја согледал широчината на земјата? Кажи Ми, ако го знаеш сето тоа.

  19. 19

    Каде е патот до живеалиштето на светлината? А темнината — каде е нејзиното место?

  20. 20

    Можеш ли да ја одведеш до нејзината граница? Ги знаеш ли патеките до нејзиниот дом?

  21. 21

    Сигурно знаеш, зашто тогаш веќе си бил роден и бројот на твоите денови е голем!

  22. 22

    Дали си влегол во складиштата на снегот? Дали си ги видел складиштата на градот,

  23. 23

    што ги чувам за време на неволја, за денот на битка и војна?

  24. 24

    По кој пат се разделува светлината и источниот ветер се разнесува по земјата?

  25. 25

    Кој му отворил канал на поројот и пат на молњата и громот,

  26. 26

    за да врне врз земја каде што нема човек, врз пустина во која никој не живее,

  27. 27

    за да ја напои пустата и опустошена земја и да направи да никне млада трева?

  28. 28

    Има ли дождот татко? Кој ги родил капките роса?

  29. 29

    Од чија утроба излегува мразот? Кој ја раѓа небесната слана?

  30. 30

    Водите стануваат тврди како камен, а површината на бездната замрзнува.

  31. 31

    Можеш ли да ги врзеш врските на Кима или да ги разврзеш јажињата на Кесил?

  32. 32

    Можеш ли да ги изведеш Мазарот во нивното време или да го водиш Аш со неговите млади?

  33. 33

    Ги знаеш ли законите на небесата? Можеш ли да ја воспоставиш нивната власт над земјата?

  34. 34

    Можеш ли да го кренеш својот глас кон облаците и изобилство вода да те покрие?

  35. 35

    Можеш ли да ги испратиш молњите, па тие да тргнат и да ти речат: ‚Еве нѐ‘?

  36. 36

    Кој ставил мудрост во човечката внатрешност и кој му дал разбирање на умот?

  37. 37

    Кој може со мудрост да ги изброи облаците и кој може да ги излее небесните садови,

  38. 38

    кога правта се стврднува во грутки и грутките земја се слепуваат?

  39. 39

    Можеш ли да ѝ уловиш плен на лавицата и да го наситиш гладот на младите лавови,

  40. 40

    кога лежат во своите легла и демнат скриени во засолниште?

  41. 41

    Кој му подготвува храна на гавранот кога неговите младенчиња повикуваат кон Бог и талкаат без храна?“